Невладиниот сектор, градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, стручните служби во општината и заинтересираните граѓани дебатираа за подобрување на решенијата во нацрт ДУП-от „Дебар Маало“.
Во едно се согласни – добро е што локалната власт седна на заедничка маса со граѓаните и невладиниот сектор, за да се работи за доброто на општината.
Ивана Драгшиќ, од организацијата „Плоштад Слобода“, рече дека ова е историски позитивен момент, бидејќи прв пат сериозно се разгледуваат забелешките на невладиниот сектор.
„Она што е значајно е да се вратат ингеренциите во рацете на општина Центар, а со тоа и во рацете на граѓаните. Најважно е дека градоначалникот и вработените искажаа политичка волја за решавање на проблемите. Во услови на уништено зеленило поради Скопје 2014, голи плоштади на ВМРО – ДПМНЕ и Филип 2-ри, граѓански акции во Карпош и Кисела Вода против уништувањето на зеленилото, ние имаме ветер во едра и општина Центар треба да се труди да создаде нови зелени површини“, рече Ивана Драгшиќ од „Плоштад Слобода“.
Таа праша дали за Владата е посебен интерес изградба на 55-катници и на станбени згради? Добро е, рече таа, што парцелите кај општината и ПУИГ, општина Центар планира да бидат јавна зелена површина.
„Нашата заедничка борба, на општина Центар и на граѓаните, не е само борба за заштита на животната средина, туку и борба за враќање на ингеренциите на општината и на граѓаните“, рече Драгшиќ
На јавната трибина беше прочитано писмо од режисерот Милчо Манчевски, кој поради службен пат, не можеше да присуствува. Манчевски посочува дека во Дебар Маал има непримерна густина на населението и се’ помалку сонце и зеленило. Ова, пишува тој, се должи на урбаната мафија. Манчевски бара нацрт ДУП-от да се ревидира и да се стави зеленило на местото на општинска зграда и станбена зграда кај ПУИГ.
„Општинските служби треба да работат за граѓаните, а не за централната власт. Потребите на бизнис интересите не може да бидат побитни од нашите деца“, пишува Манчевски.
„Овој собир требаше Жерновски надвор да го организира, бидејќи овде нема место. За да види владата колку е народот револтиран. Ние сме на иста линија, противници ни се криминалци. Треба да дадеме посериозна поддршка на градоначалникот и на општината. Овој план за Дебар Маало е уште од времето на Аларова, од 90-тите.
Овие луѓе од општина Центар ја наследиле ситуацијата и се борат да се реши ова“, рекоа граѓаните на јавната трибина.
Бисера Јакимовска, раководител на Секторот за урбанизам, рече дека е добро што се буди свеста кај граѓаните и вака треба дури и пожестоко да се реагира, бидејќи со измените на законите, со кои владата си дава право одредени територии на општините да ги прогласува за посебен интерес, се озаконува урбаната мафија.