Прашање на доверба

Од:

Шпигел – Хамбург

Ако треба да се извинуваме поради својата хуманост, тогаш ова повеќе не е моја земја, рече Ангела Меркел и за прв пат го покрена прашањето за довербата.

Герхард Шредер во свое време два пати го покренуваше ова прашање пред пратениците на Бундестагот, а Ангела Меркел сега ги прашува граѓаните: Дали Германија и понатаму е нејзина земја?

Канцеларката нешто бара од нив, што е новина, бидејќи до сега секогаш ги штитеше од тешки прашања. Луѓето поради тоа ја сакаа и и веруваа, а сега таа ги прашува дали се уште е тоа така.

Да се надеваме дека е така.

Контрола, ред, разум – тоа се зборовите на нејзините критичари и противници за прифаќање на бегалците. Хемичарка по занимање, канцеларката треба да се брани од злонамерните и бесмислените обвиненија дека во бегалската криза ја изгубила контролата, редот и разумот.

Бегалската криза е показател на губење на политичката контрола над важни прашања и означува крај на стариот поредок и тоа не може да го промени ниту еден канцелар на светот. Од каде тогаш потекнува нејзината сигурност? Од довербата.

– Се се распадна, рече министерот за внатрешни работи Томас де Мезиер, критикувајќи ја канцеларката кога ги отвори границите. Потоа тој ги затвори, да ја врати Германија на вистинскиот пат. Но, кој е виситнскиот пат?

Кибернетичар е збор од грчко потекло кој значи управувач, а кибернетиката е наука за управување со системи. Во таа смисла, нашата стварност е кибернетичка катастрофа во која потфрлија механизмите на владеење и тоа многу пред бегалската криза.

До 70-тите години од минатиот век на Западот постоеше доверба во управувачката сила на политиката. Тогаш политиката ја заменија пазарите, па помисливме дека контролата е непотребна, бидејќи пазарите сами се уредуваат. Потоа дојде финансиската криза и ние останавме без верба.

И Волфганг Шојбле во 2010 заклучи, дека финансиските пазари се бават само со себе, наместо да ја исполнуваат задачата на финансирање на разумна и одржлива економија. Тоа мора да се промени.

Како што сите знаеме, тоа не се случи: под водство на Ангела Меркел и Волфганг Шојбле, не дојде до обнова на политиката. Живееме под девиза: спасувај се кој може, бидејќи повеќе не веруваме во системот, а од бегалската криза веруваме само уште во Ангела Меркел. Преземавме ризик на персонализација на политиката.

Новите миграции не можат да се спречат и тие кои го тврдат спротивното лажат: политичарите Зедери и Зехофери, коментатори на „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ и на „Велт“.

Едно време бевме воодушевени од неочекуваната љубезност на нашите сограѓани кон бегалците, а потоа се загриживме. Но, повторно воспоставување на претходниот поредок на системот повеќе не е можно, бидејќи нема кој да го воспостави.

Дали сме подготвени да гледаме војска на нашата граница и загинати луѓе на бодликава жица? Канцеларката очигледно не е, бидејќи тоа веќе нема да биде „нејзина земја‟. – Ќе успееме во тоа, неодамна изјави во училишен пример на магичното мислење: господ рече нека биде светлина, и настана светлина.

Слично постапи и во есента 2008 година, на самиот почеток на финансиската криза кога рече: „Заштедите се безбедни‟, и беа безбедни.

Но, за разлика од Господ, канцеларката не е семоќна, па овој трик успева само под претпоставка да постои взаемна доверба. Во тоа е парадоксот: изјавата која треба да создаде доверба ја исполнува својата цел, само ако таа веќе постои. Дали магијата на канцеларката е потрошена?

– Повторувам, можеме и ќе успееме, неодамна изјави таа. Да се надеваме дека тука не важи старото правило од бајките – волшебните нешта со повторувањето ја губат својата моќ.

Би можело да ве интересира

Германско државјанство нема да добијат оние кои објавуваат: „Израел е убиец на деца“

Русија се вооружува: „Украина е само почеток“

Германија: Нема да ги укинеме ограничувањата за употреба на западно оружје со долг дострел

ВИДЕО: Полицајци во Берлин бркаат и приведуваат дете со палестинско знаме, снимката предизвика реакции

Катерина Ѓуровски

Тепачка во трговски центар во Германија, еден ранет, неколкумина повредени

Падна првиот снег

Предраг Петровиќ