Денеска имаме посебна чест да бидеме на местото коешто е душата, срцето на главниот град Скопје, било, ќе биде и секако, и денеска останува малку понижено и со наведната глава, но секако ја испраќа онаа суштина којашто секогаш Старата скопска чаршија ја имала за главниот град на нашата земја, рече Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Разговараме денеска, генерално, за проблемите на занаетчиите, на угостителите, на еснафот. Старата скопска чаршија е едно огромно, културно, историско богатство. Една вредна традиција. Еден симбол на мултиетничноста, соживотот, соработката, трговијата, дејноста. Била од секогаш едно од местата коишто генерирале квалитетни работни места, за генерации, да ги наречам, мајстори, генерации помлади како калфите, чираците и секој ден се градело надеж на иднина за генерациите коишто доаѓале после сегашните генерации. Денес Старата скопска чаршија во неколку аспекти е понижена, со наведната глава. Не е местото коешто го заслужува. Денеска Старата скопска чаршија ја нема во делокругот на она што значи интерес на власта.
Разговаравме како во Македонија, само пред неколку години занаетчиството генерираше повеќе од 200 илјади работни места. Денес, 50 илјади занаетчии се тие кои живеат од оваа дејност. Сите знаеме дека овие политики на давање огромни државни субвенции кон странските компании треба да постојат, но не е фер према домашното стопанство пред сé, овој значаен дел на т.н. малите дејности. Голем дел од странските компании се овде додека постои државна помош, го црпат она што е возможност и бегаат понатаму надвор. Занаетчиите остануваат овде, даваат плати на нашите сограѓани, пари коишто се трошат понатаму за општествените текови. Тие се трајни придобивки и вредности. Ние мораме да ги афирмираме занаетите, да ги поддржиме директно, со нивните потреби, да ги заштитиме пред инспекциите коишто робусно, согласно брзите закони во Парламентот многу лесно казнуваат, а со тоа и затвораат цели дејности, цели објекти и луѓе остануваат без плати. Мораме да имаме разбирање заради тоа што предноста на оваа наша мала земја не се огромните корпорации. Вредноста на нашата земја се малите компании во коишто спаѓаат и малите дејности, како што е занаетчиството, а еден дел и угостителството, коешто е овде.
Разговаравме како туризмот од секогаш, во минатото во Скопје, тргнувал од Старата скопска чаршија. Ред е да продолжи таа традиција заради тоа што, ова богатство коешто го има овде е огромен репрезент на нашата посебност како Република Македонија.
Разговаравме за можноста за учество на здружението Еснаф, од Стара скопска чаршија, во парламентарните расправи, преку комисиите, директно да се вградат внатре и да учествуваат како практичари коишто се паталци од секојдневието, за да го подобрат законодавството.
Но, разговаравме и за она што, ние како политичари, можеме да го научиме од Старата скопска чаршија, да го вградиме во нашите изборни програми коишто претстојат во периодот што следи, за да си го дадеме ветувањето, а согласно тоа ветување, благодет да имаат граѓаните на Република Македонија.
Така да, имавме еден плоден состанок, од којшто, верувам, интерес ќе имаат само граѓаните на нашата земја.