Само три дена пред изборите во недела, анкетите во Грција покажуваат дека победникот се уште е неизвесен. Според последното истражување на „Капа рисрч“ спроведено за весникот То Вима, грчките гласачи се скептични и неодлучни.
Анкетата покажа дека за Сириза ќе гласаат 29 проценти од гласачите, за Нова демократија 28,4, за Златна зора 6,7, за Потами 5, за Комунистичката партија на Грција 5,5, за Независни Грци три, за ПАСОК 5,9, за Национално единство 3,5, за Унија на центристите 3,2 отсто.
За други партии ќе гласаат 2,4 отсто од граѓаните, додека 7,4 проценти од Грците се уште не се одлучиле.
„Со тоа што речиси 60 отсто од испитаниците ќе гласаат за една од двете ‘големи партии’, а се очекува оваа стапка и да расте, се чини дека е на повидок оживување на двопартискиот систем“, коментира „То Вима“.
Истражувањето исто така покажува дека лидерот на Сириза Алексис Ципрас (36,5%) се смета за посоодветен премиер од Евангелос Меимаракис на Нова демократија (35,1%). Гласачите, исто така повеќе сакаат коалициска влада предводена од Сириза (37,4%), отколку од Нова демократија (35,7%).
Поголемиот дел од испитаниците, односно 55,6 проценти, исто така веруваат дека Сириза ќе победи на изборите во недела, додека помал дел, 30,5 отосто, предвидуваат дека тоа ќе биде Нова демократија.