Кога ги гледав возовите со бегалци ме потсетуваа на оние луѓе што ги носеле во Аушвиц, со таа разлика што тие таму оделе бесплатно, а овие плаќаат по 3000 евра, коментираше Василис Царцанис од Идомени, Грција. Тој не е член на ниедна невладина организација, но е познат во цела Грција по својата работа за помош на бегалците. Тој беше еден од говорниците на вечерашната дебата “Бегалците на патот од опасност и незигурност кон неизвесност: Како да се обезбеди хуман и праведен третман?“, во организација на Фондација отворено општество Македонија.
– Се срамам и од вашата држава поради недостигот на реакција за дневните криминали што се вршат врз повеќе од 150 луѓе дневно, секој ден и секоја ноќ. И тоа што не можеа да најдат конци за оние кои што крвавеа, а кои се жртви на мафијата и на полицијата, рече Царцанис.
Тој се потсети кога како дете ја преминувал границата, во тоа време грчко- југословенска и рече дека сонува за такви пријателски односи и позитивно настроени граничари. За разлика од сега, кој тој сведочел на лош однос на полицијата кон бегалците.
– Сега сведочиме на бруталност и агресивност врз овие незаштитени души, на границите, рече тој.
Тој раскажа дека во септември 2014 година сретнал поголема група бегалци кои се криеле во шума и го чекале денот кога шверцерите кои соработувале со некои полицајци, ќе ги пренесат за цена од 1500 евра и за 700 до 800 евра за мали деца. Бегалците ниту можеле да ги пријават, ниту да сведочат против овие криминалци. А целата погранична област е прилично опасна заради тоа што има борби меѓу мафијашките банди што шверцуваат луѓе.
– Една мафија има од северниот дел на вашата земја, а друга е од јужниот дел. Ова што ви го кажувам беше официјално пријавено во вашиот парламент и во медиумите како Ал Џезеира Би-би-си, Канал 4, државната германска телевизија и други европски медиуми. Возовите кои тргнуваа од Гевгелија со по 800 бегалци, кои требаше да платат по 3000 евра за да можат да се качат на комерцијалните вагони. Во еден вагон имаше 94 луѓе кои можеа да умрат од недостиг на воздух. Бегалците се јавува во полицијата во Скопје, им рекоа дека не зборуваат англиски и им спуштија, се јавија во полицијата во Гевгелија и таму им рекоа дека не разбираат англиски, потоа се јавиле на 911. Никаква грижа за овие луѓе, тоа ме потсети на Аушвиц, само што овие луѓе плаќаа по 3000 евра, рече Царцанис.
Тој раскажа и за еден бегалец од Сирија кој бил погоден од снајпер
– Тој побара помош од нас, да го донесеме до границата, бидејќи неговите пријатели веќе не можеа да го носат на раце и кога стигна до границата бараше лекар, бараше помош и јас ја информирав грчката полиција бидејќи самиот не можев во 3 часот по полноќ да заминам во шумата затоа што таму има големи банди кои што безмилосно ги напаѓаат и жените и постарите и децата. Тие немаат милост кон никого и само велат – плати и ќе ти ги решиме проблемите. Има и друга приказна за 35 бегалци кои им рекле да седнат на земја и ги претепале и ги ограбиле пред очите на полицајците, раскажуваше Царцанис.
Според него недостига соодветна реакција не само од Македонија, туку пред се од европските земји
– Ги оставија овие луѓе толку месеци да одат пеш без каква било заштита и да бидат мета на најлошата мафија која дневно заработува по половина милион евра за пренос на бегалците од Турција до Гевгелија. Затоа има толкава корупција, недостига вистинска реакција и на меѓународните организации, рече Царцинис.
Тој тврди дека задоцнета била реакцијата на меѓународните организации кои биле запознаени што се случува.
-Тие се соучесници на мафијата, со својот молк, зашто беа информирани а ништо не презедоа, сите се виновни. Јас лично го информирав Европскиот парламент за украдени пасоши на Сиријци и немаше рекација. Има ксенофобија и страв но никој не се грижи колку пасоши се продадени на други лица, рече тој.
Од Хелсиншкиот комитет во Унгарија на дебатата говореше Андраш Алфолди, кој потврди дека ситуацијата во Унгарија е неизвесна со бегалците, бидејќи се менува од час во час.
– Освен физичката оград што ја изгради Унгарија, таа направи и правна ограда. Измените и дополнувањата во унгарските закони кои стапија во сила, всушност фундаментално и суштински го променија правниот систем во Унгарија. Ако ги спречувате бегалците да имаат пристап до меѓународна заштита, измените предвидуваат таков систем за азил во кој бегалците без оглед на околностите, ќе бидат задржани во тнр. транзитни зони кои се лоцирани на границата и сите барања за азил автоматски можат да бидат одбиени без да се разгледа потрбата за заштита, рече Алфолди.
Дебатата посветена на бегалската криза во регионот покажа дека е ургентната потребата од соодветен хуман и праведен третман на луѓето кои во потрага по сигурност за сопствениот и животот на своите семејства макотрпно се движат кон европските земји.