Огромниот прилив бегалци и економски мигранти во Германија може да се претвори во основа за следното германско економско чудо, смета првиот човек на концернот „Дајмлер“, Дитер Зече.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, Зече, кој управува со една од најголемите автомобилски индустрии во Европа, за време на саемот за автомобили во Франкфурт изјави дека имиграцијата е далеку од тоа да биде опасност, туку таа претставува можност.
Зече, кој е претседател на Бордот на директори на „Дајмлер АГ“ и прв човек на „Мерцедес-Бенц“, актуелната ситуација ја спореди со приливот на милионите странски работници кои помогнаа да се оствари економскиот бум во посвоена Германија.
– Точно е дека сместување на големиот број бегалци е херкуловска задача и дека не сите што пристигнуваат се брилијантни инженери, механичари или бизнсисмени, но најголем дел од нив се добро образовани и високо мотивирани, изјави Зеле, кој смета дека и на Германија може да и се случи позитивниот пример со „Силиконската долина“ во САД, каде што голем дел од вработените се имигранти.
Минатата недела Зече и други шефови на големи германски компании од Федералната влада побараа да им дозволи на бегалците легално да работат во земјата. Германија е една од земјите во ЕУ што има најмала стапка на наталитет и се соочува со забрзано стареење на своето население.