Новиот лидер на лабуристите Корбин на стартот предизвика партиско разногласие

Од:

Новиот лидер на британските лабуристи Џереми Корбин го соопшти денеска новиот состав на владата во сенка, направен во обид да се одржи единството во најголемата опозициска партија, но веднаш предизвика контроверзи.

Најмногу негодување предизвика именувањето на Џон Мекдонел за министер за финансии во лабуристичката влада во сенка, што е втората по значење функција во британската владина администрација, по премиерската.

Мекдонел, како и Корбин, и припаѓа на крајната левица на партијата. Тие двајцата се блиски пријатели и идеолошки истомисленици, а Мекдонел беше директор на изборната кампања на новозибраниот лидер.

Самиот Мекдонел повеќепати досега се пријавуваше за изборната трка за лидерската и за некоја од водечките позиции во партијата, но досега не бил дел од ниту една од владите на Тони Блер и на Гордон Браун, како и на владите во сенка на Ед Милибанд и на Блер, кога тој од 1994 до 1997 година, беше лидер на опозицијата.

Пратеникот Хилари Бен, кој и досега беше во владата во сенка, а сега остана да биде задолжен за надворешната политика, му изрази поддршка на новиот лидер, но одби да го поддржи и изборот на Мекдонел.

Во новиот состав, што го направи Корбин, остана лорд Фалконер, поранешен министер во сите влади на Блер, негов сојузник и цимер, во времето на студиите по право, во Оксфорд, а во владата во сенка е поставена и Дијана Абот, уште еден припадник на лабуристичката крајна левица, која беше остар критичар на Блер, на „новите лабуристи„ и која беше дел од сојузниците на Браун, кои настојуваа да се собори Тони Блер од функцијата.

Претходниот лидер Ед Милибанд, го поддржа Корбин и ги повика лабуристичките пратенци да застанат зад новоизбраниот лидер, но тој самиот одби да биде дел од владата во сенка, како и да преземе каква било парламентарна функција, што би му ја определила новата влада во сенка.

Досега десетина пратеници соопштија дека не го прифакаат Корбин за лидер на партијата и одбија да бидат дел од неговата влада во сенка, меѓу кои се и двете противкандидатки на изборите, Ивет Купер и Лиз Кендал.

Третиот противкандидат Енди Барнам , меѓутоа, одлучи да му остане лојален и на Корбин, онака како што му беше и на претходниот лидер Милибанд, па и сега е дел од владата во сенка, овојпат задолжен за внатрешните работи.

Политичките аналитичари во Лондон оценуваат дека Корбин уште на стартот направил неколку грешки, прво што не го исполни ветувањето за повеќе жени во партиското водство, а потоа што својот директор на изборната кампања, го награди со втората по значење функција.

Се смета дека именувањето на Мекдонел претставува „објавување војна“ на пратениците кои не му се лојални и кои јавно изјавуваа дека се против неговиот избор.

Ваквата постапка на Џереми Корбин само ги потврдува претпоставките дека тој повеќе сака да се опкружи со истомисленици и да ја зацврсне левичарската позиција, отколку што навистина сака да обезбеди единство на лабуристите.

Би можело да ве интересира

Борис Џонсон во своите мемоари тврди дека кралицата Елизабета имала рак на коските

Три жени ранети во престрелка во Англија

Англија ја совлада Ирска

Мал авион се урна во индустриска зона во Честерфилд

Моторна едрилица се урна на сред пат: Пилотот и патникот преживеаја

(ВИДЕО) Ескалира насилството во Британија: Ќе залажите за ова екстремно десничарко насилство