Владата на Република Македонија денес се најде зад картонска ограда поставена пред оградата од ковано железо која деновиве се подига. Група на граѓани и активисти од невладини организации на овој начин се оградуваат од, како што велат, криминалите и злоупотребите за кои се обвинети владините функционери. „И ние се оградуваме од вас“, велеше графитот на картонската ограда. Активистите пресекоа и црвена лента за нејзино ставање во употреба, како иронија на зачестените кампањски активности на премиерот, Никола Груевски.
-Се собравме денеска за да ја потсетием оваа власт дека ние ги памтиме нивните злодела кои ги чинат изминативе девет години. Да ги потсетиме дека го држат својот народ како заложник во сопствената држава и да ги потсетиме дека нема да се откажеме од тоа да одговараат пред овој народ за тоа што го направиле. Сакаме да му порачаме на јавниот обвинител кој треба да биде избран во вторник кои се неговите обврски. Сакаме да го потсетиме каде им е местото на овие луѓе што денес ја водат нашата држава и што безмилосно газат по правата на сопствените граѓани и сакаме да ги потсетиме на сите млади животи што беа жртви на овој режим, да потсетиме дека не треба да се занемарат доказите кои ги имаме. Нема правда, нема мир! – изјави активистката, Симона Спировска.
На столбовите од оградата беа поставени симболи кои упатуваат на злоупотребите и аферите во кои е вмешан актуелниот владин состав. На првиот столб приказ на убиен човек упатуваше на смртта на Мартин Нешковски. Маица со повеќе парцели потсетуваше на плацевите на Водно кој наводно премиерот ги обезбедил за себе. Активистите посочија на медиумската цензура за која е заслужна актуеланта власт преку симболот на јавниот сервис. Пластична чаша упатуваше на прислушувањето на над 20.000 граѓани од безбедносните служби, а автопат на скандалот за земање провизија од изградба на автопати.
Во вторник, на денот кога треба да биде избрана специјалниот јавен обвинител, активистите ќе се соберат пред Собрание и ги повикуваат граѓаните да им се придружат.
„Нашата решителност и истрајност во битката за правда, слобода и демократија треба да му биде јасна и на идниот специјален јавен обвинител. Ние, граѓаните, непоколебливо и цврсто ќе ја поддржиме неговата работа, зашто очекуваме премиерот во оставка и неговите соработници да се најдат на обвинителна клупа и да одговараат за сите криминали и злосторства. Оваа власт мора да одговара за своите криминали и злосторства и тоа претставува врвен национален интерес“, порачуваат тие.
Маја Васева