Изложба ,,Невидено Скопје” во Прага

Од:

Во Галеријата на Академијата за уметност, архитектура и дизајн во Прага синоќа беше отворена изложбата ,,Невидено Скопје”, авторско дело на професорите на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, Огнен Марина и Бојан Каранаков.

Поставката „Невидено Скопје” преку макети и дигитални модели, на јавноста и ги презентира историските урбанистички планови на градот во трета димензија, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.

– Изработени се четири дигитални тродимензионални модели за четири историски урбанистички планови за Скопје и тоа за оној од 1929 година изработен од архитект Јосиф Михајловиќ, од 1948 година на архитектот Лудјек Кубеш, како и останатите два модела кои се однесуваат на Урбанистичкиот проект на центарот на Скопје од 1965 година, кој е изработен од Заводот за урбанизам и архитектура и Деталниот урбанистички план „Мал ринг“ од 1997 година, кој е на авторите Мирослав Грчев, Влатко Коробар и Мирјана Пенчиќ, истакна професорот на Архитектонскиот факултет во Скопје, Огнен Марина на отворањето на изложбата.

За чешкиот домаќин, професорот Бохумил Халупничек, од Одделот за Архитектура на Универзитетот за применети уметности во Прага, деталните урбанистички модели илустрираат различни фази на пристапи кон поставени широки урбани задачи.

– Заедно со придружните визуелни материјали ги одразуваат општествениот состав и дадениот пристап како да се создаде градот, дури и со значително учество на нашиот чешки архитект кој ја создаде едната од четирите варијанти. Сето ова потврдува дека архитектурата и урбанизмот се вистинско сведоштво на своето време, изјави Халупничек за МИА.

Професорот со особено задоволство истакна дека по неколку месечна македонско-чешка соработка ,,пред себе гледа една веродостојна експозиција на импресивна историска анализа, како и на тековниот поглед на урбанистичкиот концепт во форма на целиот град”.

– Особено ми е драго што со оваа изложба ќе биде претставен мојот роден град Скопје, кој има доживеано многу промени низ времето. За разлика од Прага, планирањето на Скопје е започнато во скоро историско време, кон крајот на дваесетите години од минатиот век. Скопје беше разрушено во катастрофалниот земјотрес во 1963 година и неговата обнова, според планот на јапонскиот архитект Кензо Танге, траеше долго време, рече македонскиот амбасадор во Чешка, Паскал Стојчески.

Стојчески додаде дека Скопје живее и постојано се менува што беше најава за предавањето на професорот Марина на темата на урбаните наративи на Скопје, кое се оддржа по свеченото отворање на Изложбата.

Изложбата, која е дел од настаните со кои беше одбележан Денот на независноста на Република Македонија во Чешка трае и денеска.

Организирана е од Амбасадата на Република Македонија во Прага и е финансирана од програмата за меѓународна соработка на Министерството за култура на РМ, со поддршка од Чешката комора на архитекти, Универзитетот за уметност, архитектура и дизајн во Прага (УМПРУМ) и Градот Скопје.

Би можело да ве интересира

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска