Жерновски: Немам намера да градам административна 15-катница

Од:

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, им порачува на центарци дека нема намера да изгради административна 15-катница на местото на сегашните општински бараки во Дебар маало. Изјавата на Жерновски следува по вчерашните апели на активистите од невладината организација „Плоштад слобода“ за измени во Деталниот урбанистички план на Дебар маало кои еднаш засекогаш би ја спречиле можноста на оваа локација да се подигне висококатница.

-Немам намера да градам административна зграда – вели градоначалникот.

Во ДУП-от е сепак вцртана маркичка која предвидува изградба на објект со висина од 55 метри, а изгласана за време на претходниот состав на Општината. „Плоштад слобода“ сметаат дека сега е време маркичката да се избрише, но од Општината велат дека зацртаното е во ДУП и дека не може да се намали катност одобрена со последните ДУП-ови.

„Во секој нов план, согласно член 46 од “Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање”, еднаш стекната височина, не смее да се менува“, посочуваат од таму.

Општината реагира на изјавите на активистите од „Плоштад слобода“ кои бараат измена на планот за да се спречи изградба на неколку згради во Дебар маало на сметка на постоечко зеленило. Локациите се во сопственост на Владата поради што Општината вели дека нема ингеренции да интервенира.

„Во измените на планот што се подготвуваат, нема драстични разлики со постоечкиот ДУП донесен во 2012 година од претходното раководство на Советот. Тогаш никој не реагираше на решенијата во ДУП – от. Сега само се усогласуваат границите на градските четврти по Генералниот урбанистички план на Град Скопје, што е и законска обврска на општината“, велат од Центар.

Дезинформација е, додаваат од таму, дека во измените во ДУП – от се зголемува катноста на пазарчето Буњаковец.

„Во предлог новиот ДУП, кој е на јавна анкета, јасно се гледа дека е планиран приземен објект со висина согласно правилата. На другата, наводно, спорна локација зад општинската зграда, е предвидена изградба на образовна институција и планирана и превземена од ГУП –от донесен од Град Скопје, во 2012 година. Бидејќи се работи за план од повисоко ниво, општина Центар не може да прави никакви измени. Во врска со градежните парцели на ЈПССДП, согласно одлука на Влада на Р.М. за утврдување на градби од посебен интерес, објектите се под ингеренција на Министерство на транспорт и врски, што значи дека општината не може да има никаква надлежност на тие парцели“, појаснуваат од таму.

Од Центар информираат дека вомесечната јавна анкета за ДУП Дебар Маало 1 и Дебар Маало 2 завршува утре, 11.09.2015 година и ги повикува сите заинтересирани и загрижени да дојдат во општината или да ги пополнат анкетните прашалници.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска

Комисија од Центар ги запишува покривите што летаа во невремето и поплавените простории