Средношколски пленум до Груевски: Згрозени сме од лажните обвинувања и навредени што не’ нарекувате „катастрофа“

Од:

Учениците од Средншколскиот пленум му напишаа писмо на премиерот Груевски во кое директно м се обраќаат и најавуваат прекин на секаков дијалог за реформите во образованието:

„Ние од Средношколскиот Пленум сме веќе заситени од неаргументираната, неиздржаната канонада на лажни обвинувања од Ваша страна и од страна на Вашите министри. Згрозени сме од фактот дека си дозволивте јавно да нѐ обоите партиски, и нас како млади луѓе нѐ наречете „катастрофа за општеството“, со што ја урнавте секоја шанса за дијалог со Вашиот министер.

Почитуван премиере, крајно понижувачкиот однос кон нас и непоткрепените факти, небулозните лаги и компарации кои ги изнесовте во врска со нашето образование, докажува дека никој друг освен Вие не се обидува да стекне политички поени врз нашиот грб. Да, битката меѓу Вас и нашиот пленум е политичка, но НИКАКО не е партиска. Знаете, разликата помеѓу политичко и партиско делување и спротивставување е огромна, и за нас е загрижувачки тоа што Вие, како премиер, како личност на врвот на нашата држава и истакнат политичар, овој факт не го знаете. Дали можеби ова говори нешто за квалитетот на образованието во времето кога Вие сте биле средношколец?

Дали можеби размисливте дека токму против ова се бориме ние, против незнаењето и неиздржаноста на фактите кои ги изнесува македонскиот ученик пред светот? А дали кога зборувавте со вашиот пријател кој средното го завршил во Франција, и бил воодушевен од континуираните тестирања, Ви падна на памет дека неговиот труд во текот на годината бил оценуван повеќекратно, со релевантни тестови, а нашиот деветмесечен вложен труд опадна на триесетина прашања, триесетина кликови и неколку стотина учени напамет одговори кои испаруваат од нашите глави оној момент кога ќе кликнеме на едно копче на кое пишува „КРАЈ НА ТЕСТОТ” ? Почитуван премиере, ова не е од лошата работа на нашите професори, туку од лошо составената програма од страна на некомпетентни луѓе и уште полошите реформи и експерименти кои Вие самиот ги товарите на нашите плеќи. Имено, доколку заборавивте, нашите професори кои исто така се грубо шиканирани во Вашата изјава, ни даваат тестови во текот на целата година, тестови кои Вие ги третирате како ништо, како „палома хартија“.

Од друга страна, гледаме дека зазедовте цврст став околу важноста и суштинското значење математиката да биде задолжителна на државната матура и дека таа ќе ни ги отвори сите врати во животот, па сакаме да Ве прашаме: Дали за да станете премиер на државава, решававте тест по математика? Дали некои од нас, идни уметници, актери, фолклористи, режисери, правници, филозофи, филолози, ќе бидат зависни од математичка задача за да го постигнат она за кое ги посветиле нивните академски, а можеби и средношколски денови?

Знаеме дека на оваа наша низа од прашања нема да добиеме Ваш одговор почитуван премиере, знаеме дека можеби и никогаш нема да допре до Вас ова наше обраќање. Но она што го сакаме е да допре до оние кои нѐ поддржуваат како пленум, оние кои ја вреднуваат и ценат нашата борба за квалитетно образование, нашето залагање за од училиштата каде учиме ние, излегуваат само елоквентни, паметни и полни со знаење ученици и идни академски граѓани.

Сакаме да им укажеме на сите, дека колку и да сте премиер на републиката, колку и да сте на повисоко дереџе од нас, никој, па дури ни Вие не нѐ нарекува нас, иднината на земјава, „катастрофа”, јавно не ги врбува нашите професори и родители, а уште помалку си дозволува партиски да нѐ обои. Искрено жалиме што нашата побуна Ве преплаши и загрижи, но требаше да знаете дека тоа е вообичаено кога некој се обидува да направи експериментални глувчиња од млади луѓе со здрава, развиена и критичка мисла. Илјадапати докажавме, ќе докажеме уште илјадапати, ние имаме само една идеја, не слична со ниедна од македонските партиски структури и бои, идеја за стопирање на Вашите ѓубре реформи, ИДЕЈА ЗА ПОДОБРО ОБРАЗОВАНИЕ!“, пишува во обраќањето на Средношколскиот пленум до премиерот Груевски.

Би можело да ве интересира

Средношколците ќе ги добијат бесплатните билети во матичните училишта

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

Средношколците за време на летниот распуст може да користат бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП

Средношколците ќе учат до 10-ти, a основците до 17 јуни, ќе се одлучува како ќе се надоместат двете неработни среди за изборите

Преполовен бројот на новите средношколци во Струмица

Гимназиите веќе не се најпривлечни за учениците