Меѓународниот ден на писменоста е иницијатива на УНЕСКО установена во далечната 1967 година, чија цел е секоја година на 8 септември да ја потсети меѓународната заедница на статусот на писменоста и образованието на возрасните на глобално ниво.
Темата на годинешниот Ден на писменоста е „Писменоста и одржливото општество“.
Меѓународниот ден на писменост е можност кога поединците и заедниците ќе ја откријат радоста на читање, како и за зголемување на свеста за тоа дека во светот се уште постојат и оние кои немаат пристап до образование.
Како што беше истакнато од страна на УНЕСКО на нивната интернет страница, писменоста е основно човеково право и основа за доживотно учење. Тоа е од суштинско значење за социјалниот и човековиот развој. За поединци, семејства и корпорации претставува инструмент кој може да помогне во подобрување на здравјето, приходите и односот кон светот.
Писменоста не само што е основно човеково право, но и основа за учење и алатка за личен развој. Тоа е катализатор за општествени и глобални случувања, вели посебна интернет страница посветена на Денот на писменоста, која, исто така, укажува на неколку идеи за тоа како да се прослави овој ден.
Меѓународниот Ден на писменоста ќе биде одбележан денеска и утре во седиштето во Париз, во присуство на генералниот директор на организацијата Ирина Бокова.
– Новите технологии, вклучувајќи ги и мобилните телефони, нудат нови можности за описменување за сите, вели Бокова и упати повик до меѓународната заедница повеќе да се инвестира во заедничките цели, но и секоја земја-членка да ги интензивира напорите, и политички и финансиски, со цел да се признае писменоста како една од најголемите промотори на одржлив развој.
Според податоците на УНЕСКО и другите меѓународни организации, како OECD, од вкупниот број неписмени луѓе во светот (околу 757 милиони луѓе), две третини се жени, додека бројот на децата и адолесцентите кои остануваат надвор од училишните клупи е во постојан раст и сега изнесува 124 милиони, додека околу 240 милиони деца не успеваат да го минат основниот тест за писменост.