Руинирани спортски терени, оставени на забот на времето, со години заборавени од централната власт. Тоа беше првата слика којашто ја виде претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на почетокот на посетата на Тетово и тетовско.
Младите тетовчани велат дека нивните врсници гледаат само како да заминат од државата. Наталожените економски проблеми и безперспективноста се главните причини. Оние што останале мака мачат со секојдневието. Згора на се, нема ниту катче за спорт и рекреација.
„Вие сте единствениот човек којшто верувам дека нема да ме разочара и ќе останам во оваа земја да живеам“ рече една млада тетовчанка директно обраќајќи му се на претседателот Зоран Заев.
Тетовчани охрабрени од чекорите што ги превзема опозицијата. Даваат силна поддршка за враќање на слободата, демократијата и правдата за сите граѓани.
„Вака не може повеќе, мора да се променат работите во државата“ рече еден жител на Тетово.
„Во 21-век граѓаните на Тетово се соочуваат со недостаток на вода. Но, не е само тоа, огромна загаденост, лоша инфраструктура, сообраќаен и урбанистички хаос, запуштени спортски терени, депонијата… Голем дел од овие проблеми се решаваат со неколу споменици помалку“, возврати претседателот Заев.
Следува прошетка низ пазарот. Во разговор со Заев граѓаните на Тетово, пазарџиите, дуќанџиите кажуваат со кои проблеми се соочуваат и охрабруваат: Не се предавајте, ние сме зад вас!
Мултиетничко Тетово сака подобр живот. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи….сите граѓани на Македонија сакаат подобар живот.
Преку плоштадот претседателот Заев се упати кон старата тетовска населба Два бреста. Тетовчани веќе се собрале и срдечно го пречекуваат. Сакаат да кажат што ги мачи, што ги тишти. Веруваат дека може да биде подобро, животот да им се олесни.
По средбите со граѓаните од Два бреста претседателот Заев го посети и соборниот храм Св.Кирил и Методиј во Тетово по што се упати кон населените места во околината.
Попладнето претседателот Заев беше помеѓу граѓаните на Урвич, општина Боговиње, планинско село, на над 1.000 метри надморска висина. Жителите на Урвич масовно,во голем број го пречекаа претседателот Заев пред локалната џамија. Љубопитни, но и задоволни што претседателот на СДСМ веднаш ја прифатил поканата да ги посети и да поразговара за нивните проблеми.
„Во 1975-та година тука имавме лекар, денес, 2015 немаме. Па нели здравјето е најважно. Сурово сме заборавени од оваа власт“ рече еден жител на Урвич.
Нема пат до соседното село, има проблеми со приклучување на струја, не можат да си ги легализираат новоизградените куќи со години.
„Јас сум гурбетчија. Еве направив куќа во 2010 година а од бирократија и корупција не можам да си ја легализирам, не можам струја да приклучам. Со овие на власт државата не ни помага, ни одмага. Во вас имаме верба дека нешто ќе се промени“ се обрати еден жител на претседателот Заев.
„Во оваа битка за подобра Македонија вие ми требате, заедно да ја водиме, за доброто на сите наши граѓани. Вашата поддршка ми дава сила. Заедно ќе победиме“ рече Заев.
Полека се стемнува. Но, ноќта не е пречка. Претседателот Заев ја продолжува посетата на тетовско помеѓу граѓаните на Јеловјане.
Владата со години не направила ништо за овој регион. Од Урвич до соседно Јеловјане, оддалечено само околу 2 километри нема пат. Се патува долго, по пробиени земјени патеки полни со прав, дупки и големи камења.
Жителите се револтирани од актуелната власт која ништо нема направено за ова населено место.
„Сериозен е проблемот со водата. Имаме многу извори ама сие ни ги зедоа и сега немаме вода. Сточниот фонд драстично ни се намали.“ рече еден жител на Јеловјане.
Претседателот Заев ги ислуша граѓаните и повика на заедништво за конечна промена.
„Активно влеговме во Собрание. Ги видовте пратениците како се борат за граѓаните. И ќе продолжат да се борат. Секоја трета недела ќе предлагаме сериозни закони за подобар живот на граѓаните. Знам дека и кога ќе го победиме Груевски нови проблеми се отвораат, поради урнатата економија и големата задолженост. Да бидеме заедно како народ, оваа битка заедно да ја туркаме. Јас сум поготвен да ја туркам до крај заедно со вас, за доброто на сите граѓани“ рече Заев.