Активно ве слушаме и уште поактивно работиме. Активно слушавме и активно работевме заедно со вас сите месеци досега. Заедно ги утврдувавме и приоритетните проблеми и неопходните решенија, рече Лидија Димова, пратеничка и претседателка на Националниот Совет за евроинтеграции.
Големо и драгоцено е искуството од соработката со организациите на граѓанското општество во рамките на платформата Граѓаните за Македонија.
Вака ќе продолжиме и во Собранието.
Граѓаните во центарот на нашите политики!
Денеска сме овде, да ви соопштиме и да ви ветиме дека ние пратениците од пратеничаката група на СДСМ и на коалициските партнери вака ќе работиме.
1) Ќе го слушаме мислењето на граѓаните! Редовно ќе ги консултираме сите засегнати страни за конкретните закони што ќе ги предлагаме во Собранието
2) Ќе ги отвориме сите седници на комисиите каде што претседатели се претставници на СДСМ и на коалициските партнери!
Организациите од граѓанското општество ќе можат да присуствуваат на заседанијата на Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за земјоделство и шумарство, Комисијата за здравство, Комисијата за труд и социјална политика и Националниот совет за евроинтеграции.
Но, и Комисијата за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор врз примената на посебната истражна мерка следење на комуникациите ќе бидат во редовни консултации со претставниците на граѓанскиот сектор коишто можат да придонесат за поквалитетна нивна работа.
Ова ќе го предложиме и во комисиите во коишто членуваме.
3) За сите измени на важни закони ќе иницираме јавни расправи со консултации и учество во најширока смисла на зборот
4) Ќе иницираме надзорни расправи на теми што ги засегаат граѓаните! Подготвени сме заедно со вас и со граѓанските организации да ги утврдиме темите, да ги организираме и да ги спроведеме расправите
5) Со граѓанските организации ќе организираме заедничка средба најмалку еднаш месечно за законски предлози што би можело да бидат ставени на агендата на Собранието од страна на здружената опозиција
6) Ќе работиме на воспоставување институционална инфраструктура во Собранието за соработка со организациите од граѓанскиот сектор. Во Парламентот на Република Македонија мора да има соодветно тело преку коешто граѓаните ќе можат да практикуваат директна демократија, демократија по мерка на граѓаните.
Ова се само дел од чекорите на коишто се обврзуваме.
Крајно време е да се сменат работите!