Во ликовниот салон во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп, утревечер од 20 часот ќе биде отворена изложба на дела создадени на осмата Меѓународна ликовна колонија „Дрен“. Со заедничката изложба на уметниците кои твореа во Колонијата, Центарот за култура „Марко Цепенков“ ја затвора годинашнава манифестација Прилепско културно лето.
– Ќе бидат изложени делата на уметниците-учесници на Колонијата: Александра Ацеска, Марјан Стојаноски, Мирјана Бубевска, Сергеј Дамовски, Тони Чатлески и Владимир Кнежевиќ од Македонија, Сречко Здравковиќ, Драгица Алексиќ, Весна Вучичевиќ и Јелена Младеновиќ од Србија, како и делата на Марија М. Крившинко од Русија и на Емине Токмакај од Турција, информираат од Центарот за култура.
Годинашнава, осма по ред Меѓународна ликовна колонија „Дрен“ се одржа во манастирот „Свети Илија“ во с. Дрен од 13 до 20 јули.