Во Центарот за обука Пепелиште денеска е отворена воено-медицинската вежба „Безбедна патека 2012“. На вежбата што ќе трае до 25-ти овој месец, покрај припадниците од Армијата на Република Македонија, учествуваат и претставници од Кралството Норвешка и Република Србија.
Како што соопшти Министерство за одбрана, со вежбата ќе раководат полковник Андреја Наумовски, командант на воено-медицинскиот центар на АРМ, и генерал мајор Џон Стеинегер, началник на санитетската служба на Кралството Норвешка.
Вежбата е базирана на сценарио за операции за поддршка на мирот предводени од НАТО/ЕУ, под мандат на ОН. Со неа треба да се демонстрира оперативната подготвеност за извршување на основната мисија од областа на медицината-спасување на човечки животи.
Вежбата ја отвори полковник Владимир Стојановски, командант на Бригадата за логистичка поддршка. – Да се биде земја домаќин на вежба од ваков вид е тест на зрелост, но и јасен сигнал за посветеност кон зедничките цели, силен доказ за нашиот стремеж кон регионалната и глобална безбедност и потврда на напорите за што поскоро приклучување на Република Македонија во Евроатлантското семејство, рече Стојановски.
Според потполковник Фроде Остренг, кодиректорот од Кралството Норвешка, полската болница е комплексен систем кој преку извежбување и тренинг ќе овозможи дополнување оспособување. Тој му се заблагодари на советодавниот тим од Република Србија, кој со свето искуство помогна за време на планирачкиот процес.