Бројот на жени и деца мигранти кои поминуваат низ Македонија во последните три месеци е трипати зголемен, објави денеска Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Според нив, секојдневно низ државата поминуваат околу 3.000 мигранти од кои една третина се жени и деца. Околу 12 проценти од жените се бремени.
Повикувајќи се на бројките од Министерството за внатрешни работи, од УНИЦЕФ посочуваат дека 80 проценти од мигрантите се од Сирија, пет проценти од Авганистан и уште пет проценти од Ирак.
– Од јуни 2015 година, повеќе од 52.000 лица се регистрирани во Прифатниот центар на границата во Гевгелија по влегувањето од Грција. Се проценува дека исто толкав број транзитираат низ земјата без да бидат регистрирани, наведува УНИЦЕФ во соопштението.
Оттаму истакнуваат дека испраќаат балони со вода од 30 илјади литри и два шатора од по 72 квадратни метри.
– УНИЦЕФ внимателно ја следи ситуацијата на терен и работи со локалните власти за да обезбеди заштита за децата, се вели во соопштенеито.