Министерството за внатрешни работи како надлежен регулатор на областа изработи нов Предлог-закон за приватно обезбедување, на местото на постоечкиот Закон за обезбедување на имот и лица донесен во 1999 година, кој претставува функционален сублимат на сите досегашни практични и теоретски искуства, како на национално и пошироко европско ниво.
Промената на називот во Закон за приватно обезбедување, информира на денешната прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, има за цел да направи суштинска дистинкција помеѓу обезбедувањето на лица и имот што е во надлежност на одредени органи на државната управа од она што го вршат приватните лица за обезбедување во вид и услуги зaконски пропишани или што ги вршат за сопствени потреби.
Таа прецизира дека новиот закон предвидува современ концепт на дејноста приватно обезбедување и се базира на прецизно разграничување на видовите на приватно обезбедување, во вид на услуги и во вид на сопствени потреби, но и условите што треба да бидат исполнети за да се врши определен вид обезбедување.
Се утврдуваат нови и повисоки стандарди во поглед на начинот и средствата со кои ќе се врши приватно обезбедување, а детално се нормира воспоставувањето и функционирањето на Центар за обезбедување и надзор како посебна просторија опремена со технички уреди за автоматски прием и обработка на алармни сигнали и информации. Новина се и високите стандарди за обезбедување транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки.
– Се утврдуваат и во прецизни законски рамки овластувањата кои ќе ги имаат работниците за обезбедување, а тоа се проверка на идентитетот, предупредување, забрана на влез и неовластено снимање и задржување, преглед на лица, предмети, возила и багаж и употреба на средства за присила (физичка сила, гумена палка, средства за врзување лица, спреј, огнено оружје), а прв пат се регулира и употребата на дресирано куче, појасни министерката Јанкулоска. Со оглед на чувствителноста на средствата за присилба во однос на ограничувањата на човековите права и слободи, укажа таа, употребата на огнено оружје и на дресирано куче, се посебно разработени и се потенцира нивниот сериозен карактер. Процедурата за лиценцирање за вршење на оваа дејност за обезбедување се регулира со овој Предлог-закон, во кој детално се пропишува условите и начинот за добивање лиценца за обезбедување, како и постапката за надзор над работењето на Агенциите за обезбедување.
Со Предлог-законот се предвидува прецизно да се уреди и изгледот на работната облека на лицата кои вршат приватно обезбедување, ознаките, формирањето, финансирањето на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, сите евиденции, заштитата на податоците и информациите, како и надзорот што ќе го врши МВР над Комората и Агенцитие за обезбедување.
При изработката на решенијата во законот се користени искуствата од Словенија, Бугарија, Хрватска и други земји, во рамки на консултации со сите засегнати страни од оваа област, пред се практичните искуства од работењето на Комората на Република Македонија на лица и имот и на Агенциите за обезбедување.