Уредникот на телевизиската емисија на Би-Би-Си, „Њузнајт“, Питер Рипон денеска поднесе оставка поради случајот со поранешниот радио водител и телевизиски презентер Џими Савил.
Уредникот Рипон поднесе оставка откако беше откриено дека непосредно пред емитувањето, го повлекол специјално направениот прилог на новинарите на „Њузнајт“, за обинувањата кон Савил за стореното „сексуално насилство“ врз малолетнички во времето кога беше ѕвезда на Би-Би-Си.
Рипон претходно демантираше дека бил под притисок „од кого било“, во врска со одлуката да се повлече снимениот прилог, што според неговото објаснување, била донесена од „чисто уреднички причини“.
Оставката доаѓа по соопштението дека истражувачка екипа репортери на Би-Би-Си направила специјална емисија за Савил и за случувањата околу повлекувањето на прилогот во „Њузнајт“, што ќе се емитува вечерва на телвизиската програма на оваа компанија, што ја продлабочува кризата околу Би-Би-Си.
Весниците кои околу случајот со поранешната презентерска ѕвезда Савил и случувањата во Би-Би-Си, известуваат секој ден, тврдат дека станува збор за најголемата криза во оваа медиумска компанија во последните 50 години.
Таблоидите пишуваат дека Би-Би-Си од почетокот на избувнувањето на аферата, ја мамат јавноста околу Савил, криејќи ги своите сознанија, како и обвинувањата дека компанијата знаела за она што го прави нивната радио и ТВ ѕвезда, но дека тоа го криеле од Британците, штитејќи го само својот углед.
Гневот кон Би-Би-Си нарасна кога беше открено дека угледната политичка ТВ емисија „Њузнај“, која секоја вечер има по еден милион гледачи, направила прилог за Савил и за тоа што и колку компанијата знаела за делувањето на презентерот „зад сцената“, била повлечена во последен момент.
Полицијата соопшти дека и формално е отворена кривична истрага за Савил, кој почина во октомври 2011 година, на 84-годишна возраст, означувајќи го како еден од најголемите сексуални престапници, чии престапи се провлекувале во период од цели 40 години.
Генералниот директор на Би-Би-Си, Џорџ Ентвистл утре ќе биде сослушуван од парламентарната комисија за култура и медиуми. Само пред три недели тој и компанијата тврдеа дека нема докази за обвинувањата што се упатуваат кон Џми Савил.