Вечерва со почеток во 18 часот, на Филозофскиот факултет во Скопје, Амфитеатар 4 4, ќе се одржи панел-дискусија за програмите за ефективна правда во јавното здравство „Неправдата е штетна по вашето здравје“ во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Програмата за јавно здравство на Фондациите Отворено општество.
Ширум светот, повредите на човековите права го загрозуваат јавно здравје. Полициското насилство и малтретирање, дискриминацијата, присилните медицински интервенции, и одбивањето да се пружат основни услуги се закана по здравјето и добросостојбата на маргинализираното население. Решавањето на овие длабоко вкоренети неправди е од клучно значење за унапредување на здравјето.
На панел дискусијата ќе бидат презентирани неколку проекти кои му помагаат на маргинализираното население – сексуални работници, луѓе кои употребуваат дроги и трансродови лица – да добијат пристап до правда и да се вклучат во правно застапување за подобрување на здравјето. Освен тоа, на настанот ќе биде презентиран и новиот извештај „Правни програми за јавно здравство: Водич за добри практики“ кој содржи размислувања, предизвици и добри практики од осумгодишната поддршка за пристап до правни програми во контекст на здравјето.
Настанот ќе го отвори Христијан Јанкулоски, извршен директор на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, а говорници ќе бидат Тамар Езер, Заменик директорка за право и здравје при Програмата за јавно здравство на Фондациите Отворено општество, Константин Кожокариу, адвокат за човекови права од Романија, Бренда Белак, адвокатка при Правната организација Пивот од Канада и Наташа Бошкова, адвокатка од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. Модератор на настанот ќе биде Хајди Штерјова Симоновиќ од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Панел-дискусијата е дел од 4-та средба „Адвокатура на маргините“ која оваа година се одржува во Македонија од 24 до 27 август во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Програмата за јавно здравство на Фондациите Отворено општество. „Адвокатура на маргините“ е средба на адвокати и претставници на организации кои работат за социјална промена и кои веруваат дека законите се важна алатка која ќе придонесе за таа промена преку национално и меѓународно застапување. На средбата присуствуваат адвокати од Канада, САД, Ирска, Македонија, Србија, Романија, Русија, Киргистан, Украина, Индија, Швајцарија, Кенија, Уганда, Танзанија, Мексико, Гватемала, Венецуела и Ел Салвадор. Целта на овој настан е размена на мислења, искуства и добри практики на адвокати од целиот свет кои работат со маргинализирани заедници, како и предизвиците со кои се соочуваат маргинализираните заедници во пристапот до правда на национално ниво.