Андреј Стојановски, денеска беше примен од градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
11-годишниот Андреј е државен првак во пливање во категоријата помлади пионери. Со себе ги донесе досега освоените 100 медали, многу пехари, благодарници и дипломи и сето тоа, освоено со многу љубов и вежбање, за само шест години.
Од Андреј за Андреј, една од медалите, бидејќи вели, градоначалникот, според него, му личи на „спортски“ тип.
Од Жерновски, Андреј доби соодветни подароци, за кои, рече дека ќе му користат во натамошните професионални натпреварувања.
„Општина Центар ќе те поддржува и натаму како досега, во сите твои амбиции. Има моменти кога можеби ќе помислиш дека ти е доста од тренинзите, но тие моменти треба да ги надминеш, бидејќи ти си роден шампион. Твојот е и наш успех и успех на државата и затоа ќе го поддржуваме твојот талент“, рече градоначалникот на општина Центар.
Андреј е одличен ученик и напорните тренинзи не му се проблем.
Тренира секој ден по 2 часа, а пред натпреварите и по 2 пати дневно. Особено е горд на медалите освоени на меѓународниот турнир во Солун, каде се натпреваруваше во конкуренција со седумстотини пливачи.
Во месец мај, Андреј Стојановски стана најдобар пливач за пионери во Р. Македонија, а на сите негови врсници им порача да пливаат и да спортуваат, бидејќи тоа е здраво и полезно.