Лидерот на СИРИЗА и премиер во оставла Алексис Ципрас на денешниот состанок на политичкиот секретаријат на партијата изјави дека изборната цел на СИРИЗА е „чист“ четиригодишен мандат, објави грчката новинска агенција АНА, повикувајќи се на свои извори.
Тој посочи и дека на партијата и е потребна реорганзиација. Ципрас наведе и дека кампањата не треба да се претвори во „граѓанска војна“ на левицата и оти СИРИЗА треба да промовира програма на влада на радикална левица наспроти неолибералната структура на Европа, но и на домашниот „систематски блок“.
– Наша цел е добивање на довербата од народот за да се спроведе програма на прогресивни промени поради постепено одвојување на земјата од супервизија и меморандуми, истакна Ципрас.
Тој наведе дека целта на СИРИЗА е на престојните избори грчкиот народ да „пресуди“ дали владата добро се борела последните месеци за време на неодамнешните преговори.
– Гласачите треба да одлучат дали постоеше некој друг што би постигнал подобар договор во постоечките услови и односи и кој би направил најдобро за земјата во преговорите за долгот до крајот на годината, посочи Ципрас.
Тој ја отфрли можноста од постизборна соработка со силите на „стариот политички систем“.