Веќе втора година по ред во Франција се зголемуваат трошоците за чување деца, така што оваа година со раст од три отсто се зголемија на просечни 8,65 евра на час, покажаа резултатите од истражувањето на примерок од 300 илјади граѓани на Франција, кои имаат потреба од ваква услуга.
Како главна причина за растот на цените за чување на деца, истражувачите ги наведуваат измените на школскиот систем во однос на термините на наставата, но и недостиг на стручни кадри.
Тарифите на бебиситерките се разликуваат до десет отсто од регион до регион, на што влијаат и трошоците за живот и стапката на вработеност на жените во таа област, се наведува во студијата.
Додека во Парискиот регион еден час за чување на дете се наплатува по 8,95 евра, во регионите Прованса, Алпи, Азурнуиот Брег изнесува 8,77, во Лоара 8,16. Најголема заработувачка бебиситерките остваруваат во Сен Тропе, 10,92 евра за еден час.
Според официјалните податоци на Франција и недостигаат околу 400 илјади стручни лица за чување деца.
Чувањето на деца станува привилегија на богатите семејства, бидејќи годишно треба да издвојат над илјада евра за грижа за детето надвор од училиштето.