Папата Франциско предизвика налутени погледи во својата родна Аргентина, откако се сликаше со плакат што повикува на дијалог со Велика Британија за спорните Фолкландски острови, пренесоа американските медиуми.
Поглаварот на Римокатоличката црква од неколку медиуми беше снимен по вчерашната заедничка аудиенција. На плакатот што го држеше можеше да се прочита: „Време е за дијалог меѓу Аргентина и Велика Британија за Фолкландските острови“.
Во моментов не е познато дали папата афишот го зел во рака од учтивост, бидејќи му бил даден од негови сонародници (паролата била напишана на шпански јазик и спорниот архипелаг е наречен Малвини, како што го нарекуваат во Аргентина), или намерно ја изразил својата позиција во спорот, забележуваат американските медиуми.
Откако стана папа во 2013 година Аргентинецот се воздржува да ја коментира темата, и покрај тоа што претседателката на оваа јужноамериканската земја, Кристина Фернандес де Кирхнер, изрично го повика да интервенира.
Аргентина е многу чувствителна по прашањето за Фолкландските острови. Нејзната армија во 1982 година го зазеде архипелагот во Атлантскиот Океан, но потоа беше воено поразена од британската армија.
Аргентина и натаму покажува претензии кон Фолкландите, чии жители, малку повеќе од 2,500 лица, главно се британски колонисти, на референдумот во 2013 година категорично се изјаснија за тоа островите да останат под британски суверенитет.