МВР поднесе кривична пријава против 21 лице поврзани со незаконско прелевање капитал од Aкционерското друштво Макпетрол во Командитното друштво со акции Оилко. Десетте членови на Управниот одбор, осумте членови на надзорниот, како и тројца одговорни во Централниот регистар, Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии се товарат за „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Како што соопшти денеска МВР, првоосомничениот, А.Ј.(63) кој се јавува во својство на претседател на Управен одбор во Макетрол и комплементар и управител во Командитно друштво со акции за транспорт ОИЛКО КДА Скопје, второосомничениот С.Л.(60), како член на Управен одбор и комплементар и управител во Командитно друштво со акции за транспорт ОИЛКО, заедно со останатите осомничени, според досега прибавените докази, се товарат дека во својство на службени лица, заради стекнување со противправна имотна корист, искористувајќи ја службената положба и овластување нанеле штета на акционерите на Макпетрол Акционерско друштво за промет со нафта и нафтени деривати АД Скопје во износ од 375.180.000 денари, притоа овозможувајќи им на комплементарите да се стекнат со право да располагаат и одлучуваат за акционерски капитал и права на глас во Макпетрол АД во износ од 19.95 отсто, а пак на командиторите да се стекнат со капитална добивка во вкупен износ од 304.193.176 денари.
– Пријавените членови на Управен одбор во втората половина на 2006 година, спротивно на Законот за трговски друштва без да има каква било одлука на Собранието на акционери на Макпетрол АД за утврдување на интересот на друштвото за вложување во идното друштво Оилко КДА, самоиницијативно и нетранспарентно превземаат повеќе активности, како подготовка за основање на Оилко КДА, со цел прикривање на вистинската намера и нивните лични интереси од основањето на Оилко КДА. Притоа подготвиле противзаконска и штетна (за останатите акционери на Макпетрол АД), „Предлог одлука за вложување во командитно друштво со акции како зделка со заинтересирана страна“, а всушност станува збор за Договор за основање на ново друштво во кое што Макпетрол АД е странка, стои во соопштението од МВР.
Одлуката која е незаконска, како што велат од МВР, подоцна е донесена на Собранието на акционери на Макпетрол, кои биле нецелосно и неправилно информирани.
– Одлуката е незаконска, бидејќи сопствените акции на Макпетрол, вложени во Оилко немаат имотна вредност и не претставуваат имот, па следствено на тоа неможе да претставуваат влог во основна главнина. Освен тоа, одлуката истовремено не била во интерес на сите акционери, бидејќи со вложувањето на сопствените акции на АД Макпетрол во КДА Оилко правата од истите кои согласно чл. 338 од ЗТД дотогаш мируваа, со вложувањето се активираат и пренесуваат на новиот сопственик Оилко т.е на двајцата комплементари, се додава во соопштението.
Двајцата првоосомничени, како комплементари-управители на Оилко, во периодот од 18 до 23 јануари 2007 постапиле спротивно на Законот за хартии од вредност, на начин што не превзеле дејствија, ОИЛКО КДА во законски предвидениот рок да достават до Комисијата за хартии од вредност „Првичен извештај за сопственост на акционер“, во врска со стекнувањето со акциите од издавачот Макпетрол, како друштво со посебни обврски за известување.
Пријавените се товарат дека горенаведените извештаи не ги доставиле до КХВ и до Макпетрол АД, со намера да го прикријат правниот основ за вршењето на недозоволениот нетрговски пренос, односно Договорот за основањето на ОИЛКО, при што иако со самото недоставување на извештаите согласно чл.166 ст.6 од ЗХВ, го губат правото на глас од акциите, пријавените како одговорни лица на ОИЛКО во наредниот период континуирано го користеле правото на глас од стекнатите акции.
– Пријавените членови на Надзорниот одбор на Макпетрол Акционерско друштво за промет со нафта и нафтени деривати, во втората половина на 2006 година, иако биле должни да извршат надзор и да превземат мерки за спречување во намерата на членовите на Управниот одбор незаконитата и штетна предлог одлука да се стави на дневен ред на 9-тото Собрание, тоа не го сториле, туку и тие самите со донесување на заклучок и потпишување на известување дека се заинтересирана страна, му предложиле на Управниот одбор да свика седница на Собрание на акционери со што придонеле противзаконитата и штетна „Предлог одлука за вложување во командитно друштво со акции како зделка со заинтересирана страна“, да се најде на дневен ред, се наведува во соопштението.
Со тоа членовите на Надзорен одбор, како што се посочува, овозможиле сопствените трезорски акции на Макпетрол АД да бидат искористени како непаричен влог во основањето на КДА Оилко.
Во соопштението се посчува дека на 15-та седница на Надзорен одбор донеле повеќе одлуки за давање одобрение на членови на Управен одбор на Макпетрол да бидат комплементари и управители во Оилко-командитно друштво со акции. – Притоа на овој начин пријавените се стекнале со капитална добивка во вкупен износ од околу 5 милиони евра, а пак на двајцата првоосомничени им овозможиле да се стекнат со управувачки права како комплементари во Оилко, а притоа нанеле значителна штета на останатите акционери на Макпетрол АД за проценетата вредност на вложените сопствени трезорски акции на Макпетрол АД во вкупен износ од преку 6 милиони евра, се наведува во соопштението.
Пријавениот овластен регистратор во Централниот регистар се товари дека не проверил дали влогот што се вложува има имотна вредност, дали може да се процени и изрази во пари, и не го зел предвид фактот дека акциите кои што се вложуваат не претставуваат влог во ствари, туку се вложуваат „правата од акциите“ кои не можат ниту да се проценат ниту да се изразат во пари. Исто така, не ја зел во предвид одредбата од чл.338 од ЗТД, според која правата од сопствените акции мируваат, па следствено на тоа неможат да се вложуваат.
Во соопштението се додава дека пријавениот директор на Централен депозитар за хартии од вредност на 18 јануари 2007 година, постапувајќи по предметот „Барање за пренос на обични акции издадени од Макпетрол АД Скопје“, иако знаел или требало да знае дека наведениот правен основ и доставена документација во применото барање не претставува законски правен основ за вршење на нетрговски пренос, издал усен налог на лице распоредено на работно место „оператор на сметка“, да го спроведе предметното барање како нетрговски пренос, по што предметот бил заведен во Деловодникот како завршен.