Русите веќе не се толку позитивно настроени кон религијата како во 90-тите

Од:

Економист – Лондон 

Повеќе од четврт век по распадот на Советскиот Сојуз, односот на Русите кон религијата, како што може и да се претпостави, значително се смени. Во советско време, државата очекуваше и ги насочуваше граѓаните да бидат атеисти. Сега слободното изразување за некоја религија се претвори во национален стандард; мнозинството Руси се определуваат во анкетите како православни, а големо малцинство се идентификуваат со исламот, будизмот и јудеизмот.

Анкета која беше објавена неодамна од една од најпознатите руски агенции за истражување на јавното мислење ВЦИОМ,  всушност покажа нешто неочекувано при споредбата на денешните односи во Русија со тие од 90-тите години од минатиот век.

Иако е регистриран скок (од 23 на 55 проценти) кај дел од луѓето кои велат дека понекогаш религијата им помогнала во животот, во целина, односот на религијата кон благосостојбата на човекот се гледа многу помрачно. Дел од оние кои сметаат дека религијата повеќе помага отколку што му штети на општеството, се намалил од 61 на 36 проценти, додека процентот на оние според кои е обратното пораснал од пет на 23 отсто.

Можеме само да претпоставиме што се случило во однос на тоа. Во 90-те години, многу Руси гледаа на религијата преку истите розови очила преку кои гледаа на се што е несоветско – од рок музиката преку рестораните за брза храна до монархизмот. Ако Советскиот Сојуз беше против нешто – тие беа „за“ тоа (или најмалку мислеа дека тоа вреди).

Религијата изгледаше како нешто дрско, различно и егзотично. Советската машина пројавуваше трпение кон религиозните структури, вклучително и кон високите духовници во Руската православна црква, доколку и беа лојални на државата, но тие имаа слабо влијание. Од тогаш, очигледното влијание во привилегираноста на официјално признатите вери (главно е православното христијанство, но не е само тоа) незаирливо порасна. Религијата се гледа како партнер на власта и на никаков начин не како пројава на контракултурата.

Претставувајќи ги резултатите, ВЦИОМ заклучува дека од 1990 година, религијата за извесно време се претворила во „широко распространета општествена мода“, откако ограничувањата за исповедувањето беа укинати. Од тогаш, луѓето научија да прават разлика помеѓу верата, која за многумина продолжува да има смисол на личен план, и религијата како институција, на која многу луѓе гледаат критично. Фактот што радикалните исламистички движења, кои ги освоија симпатиите на Русите во 90-те, од тогаш се претворија во сериозна закана за безбедноста, веројатно одиграл определена улога.

Во некои односи, официјалниот религиозен живот во денешна Русија всушност не е толку различен од тој во советско време, ако го исклучиме тоа што е многу појавен. Од официјално признатите религиозни водачи се уште се очекува да го стават својот престиж на услуга на државата и меѓу себе да општат така што да се гарантира општествениот мир и добриот имиџ на земјата во странство.

Во случајот со притисокот врз некои форми на исламот, како и оние религиозни малцинства кои доаѓаат од Западот, како што се Јеховините сведоци, државата применува воспоставена религиозна дипломатија вклучувајќи официјално привилегирани лидери.

На пример, во јуни видни руски православни духовници и муслимански религиозни лидери, кои дојдоа дури од Сирија и Индонезија, учествуваа на голема средба во Москва посветена на „стратешкото партнерство“ на Русија со исламскиот свет. Министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, прочита специјално послание од претседателот Владимир Путин.

Со средбата претседателствуваше раководителот на Татарстан – историска муслиманска територија во централна Русија, каде кон небото се издигнуваат како минариња, така и куполи на христијански храмови. Тие денови беше соопштено дека видни муслимански, христијански, еврејски и будистички претставници од целиот свет ќе бидат поканети на отворањето на голема нова џамија во Москва во септември.

Но, ништо од таа грижливо подготвена кореографија не успева да ги убеди борците за религиозна слобода на Запад дека Русија применува целосна слобода на вероисповест. Во авторски коментар кој беше објавен минатата недела, двајца раководители на американската Комисија за меѓународни религиозни слободи, ја повикаа Русија „да спроведува религиозно разнообразие“.

Тие исто бараат од државата да го ревидира законот за „екстремизмот“, кој – според промените од 2007 година – е толку нејасно формулиран што речиси секоја религиозна заедница може да биде обвинета за „поттикнување на религиозни разидувања“ само затоа што си стои на своите верувања. Европскиот суд за човекови права продолжува да ја разгледува жалбата против законот поднесена од Јеховините сведоци.

При сегашната ситуација во Русија, западните повици за промена на официјалниот однос кон религијата или што било друго, најверојатно ќе добијат гневен прием. Но, нови анкети покажуваат дека руското општество можеби е помалку приврзано кон своите религиозни водачи отколку кон секуларните или дека заложбите на државата да го потчини и асимилира влијанието на религијата не биле целсно корисни – ниту за државата, ниту за религијата.

Би можело да ве интересира

Пратениците на Левица остварија средба во Собранието со рускиот амбасадор Баздникин

(ВИДЕО) Блиска средба: Ф-16 испратен да пресретне руски Су-35 на Алјаска

Руската воздушна одбрана синоќа уништи 125 украински беспилотни летала

Северна Кореја: Американската помош за Украина е „неверојатна грешка и луд чин“

Горан Наумовски

Лавров го предупреди Западот да не се бори до победа со нуклеарна сила

Горан Наумовски

Русија за атентатот на шефот на Хезболах: Уште едно политичко убиство