Генералниот секретар за јавни приходи на Грција, Катерина Саваиду нареди итна внатрешна истрага под заклетва, со цел да се испита дали вработените во Секретаријатот извршиле незаконски дејствија и внатрешна проверка на сите компјутерски системи за да се открие секаков неовластен пристап до податоци.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, истрагата е наредена по извештаите во медиумите во врска со плановите да се пробие софтверот на Секретаријатот кој ги содржи сите кодови за регистрација на данок со цел да се создаде систем за паралелно плаќање.
Грчкиот весник „Катимерини“ пред неколку дена објави транскрипти од телефонски разговор меѓу поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис со инвеститори од Лондон според кои, наводно, премиерот Алексис Ципрас, пред да победи на изборите во јануар, го овластил да создаде паралелен систем на плаќање.
Во телефонскиот разговор, воден една недела откако поднесе оставка од функцијата министер за финансии, Варуфакис открива дека во соработка со петчлена екипа, со месеци работел на резервен план за создавање паралелен систем на плаќање, во случај Европската централна банка (ЕЦБ ) да ја суспендира исплатата на средства за итни случаи за грчкиот финансиски систем, како што се случи по неуспехот на преговорите со грчката Влада.
„Катимерини“ објасни дека паралелниот систем можел да функционира со плаќања во евра, но преку ноќ можел да се префрли на драхма, ако за тоа биде потребно.
– Премиерот, пред да победи на изборите во јануари, ми даде зелено светло да иработам план Б. Собрав многу способен тим, кој мораше да биде мал, затоа што работеше тајно, од очигледни причини, рекол Варуфакис.
Тој информирал дека ангажирал експерти за информатичка технологија од Универзитетот Колумбија, кои ќе ги решаваат прашањата за логистика, и кои, според резервниот план, требале да упаднат во софтверски систем на грчката даночната администрација – која во тоа време беше контролирана од страна на „тројката“ (Европска централна банка, Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд), за да се соберат регистарските броеви на даночните обврзници.
– Одлучивме да се пробие во софтверската програма на моето Министерство, рекол Варуфакис.
Поранешниот грчки министер за финансии за британски „Телеграф“ призна дека транскриптите од разговорите се точни, но оти грчките медиуми извртеле одредени тврдења.
– Поентата на сето ова е да ме претстават како лош министер за финансии и да бидам обвинет за предавство. Ова е дел од обидот да се поништат првите пет месеци од работата на Владата и да заврши на отпадот на историјата. Целосно e искривенo значењето на моите желби за воведување на паралелна валута. Јас отсекогаш сум бил целосно против укинувањето на еврото, бидејќи никогаш не се знае какви мрачни сили би се ослободиле во Европа, изјави Варуфакис за британскиот весник.