Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ и претставниците на парламентарните партии денеска се усогласија Хрватска да излезе од арбитраѓниот договор со Словенија за границата во Пиранскиот Залив, јави Хина..
Милановиќ по состанокот на новинарите им изјави дека усогласувањето траело кратко и истакна дека не го интересира дали словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец ќе поднесе оставка.
– Хрватска не може да остане во спогодбата за арбитража. Постапката е контаминирана. Хрватска излегува од договорот според прецизните правила на меѓународното право. Тоа е процедура која ја спроведува Владата и Министерството за надворешни работи. Од Саборот бараме согласност за да излеземе од спогодбата рече Милановиќ.
Милановиќ не сакаше да го коментара прашањето дали се слушнал со словенечкиот колега Миро Церар.
„Ние се согласивме на нешто под одредени услови, а дојде до грубо кршење на договорот, и понатаму не можеме вака“, рече Милановиќ кој, како што кажа, не верува дека тоа лошо ќе влијае врз односите на Словенија и Хрватска.
– Членки сме на Европската унија и дојде до сериозен инцидент и мораме да реаговараме. Не ме интересира дали словенечкиот премиер треба да поднесе оставка. Арбитражниот суд се наоѓа во непријатна ситуација, можеби ни крив ни должен, но немам одговор како тие се чувствуваат, наведе хрватскиот премиер и истакна дека целата ситуација е непријатна и за Хрватска и за Словенија, односно дека е неодржлива.
„Не знам дали ставот за шпионажа е став на словенечката Влада, но тоа нема да го коментарам, рече Милановиќ.
Инаку, денешниот состанок беше и првата средба на Милановиќ со лидерот на највлијателната опозициска Хрватска демократска заедница Томислав Карамарко во Бански двори, што предизвика посебно внимание кај хрватските медиуми кои особено инсистираа на нивното ракување.