„На ден 19.06.2010 година подрачјето на општина Дебрца со населените места: Требеништа, Волино, Мешеишта, Климештани, Ново Село, Белчишта, Д.и Г.Средорече, Злести, Лешани и Грко Поле го зафати силно невреме со обилни врнежи од дожд и град, кои предизвикаа голема материјална штета на земјоделските површини засадени со овошни, градинарски, житни и лозови насади.
Комисијата за проценка на штета на општина Дебрца изврши проценка на причинетата штета и изработи Елаборат за проценка на штета од обилни врнежи од дожд со појава на град во општина Дебрца, кој беше усвоен од советот на општина Дебрца. Вкупната материјална штета е проценета на 29.072.778,00 денари.
Владата на Република Македонија, на триесет и шестата седница, одржана на ден 27.12.2011 година, ја разгледа Информацијата за настанатите штети од природни непогоди во неколку општини, меѓу кои е и општината Дебрца и ја усвои со заклучок со кој се задолжува Министерството за финансии да подготви одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Република Македонија за 2011 година и на општината Дебрца, во висина од 15 % од износот на проценетата штета ( 4.360.916,оо денари ), во рок од 8 дена.
Меѓутоа, не во рок од 8 дена, туку и по речиси четири години од страна на Министерството за финансии не е постапено по Заклучокот на Владата на Република Македонија и на општината Дебрца не и се префрлени средства за штетата од природната непогода, од 19.06.2010 година, иако во меѓувреме беше исплатено обештетувањето за непогодите од 2012 и 2013 година.
Поради тоа, јавно ги повикуваме министерот за финансии во Владата на РМ и градоначалникот на општина Дебрца да одговорат на следните прашања:
Како е можно и зошто Министерството за финансии четири години не го почитува Заклучокот на Владата со кој е задолжено да обезбеди средства од Буџетот на РМ за обештетување на земјоделците за наведената природна непогода ? Како можеме да зборуваме за правна сигурност и владеење на правото, кога Министерството за финансии не ги почитува актите на Владата на РМ ? Што е преземено од страна на градоначалникот на општина Дебрца за да се почитува заклучокот на Владата на РМ ? Дали и кога се планира од Владата на РМ одобреното обештетување да биде исплатено ?
Оштетените земјоделци од општина Дебрца со право го бараат одговорот на овие прашања.
Ние од наша страна и во наредниот период континуирано ќе ги потсетуваме надлежните се додека земјоделците не го добијат одобреното обештетување“, се вели во соопштението на општинска организација СДСМ Дебрца.