По неуспешниот обид да го заинтересира „Џенерал Моторс“ (ГМ) за спојување со групацијата „ФИАТ Крајслер“, Серџо Маркионе се откажа од оваа идеја, пренесува весникот „Њујорк тајмс“.
Маркионе изјави дека нема цел и натаму да води залудни разговори со челниците на „ГМ“, откако првиот пат беше елегантно одбиен.
-Еднаш веќе ми кажаа не. Не сакам повторно да „добијам по нос“, изјави шефот на „ФИАТ“ за американскиот весник.
Иако пропадна обидот за разговори на темата обединување на двата автомобилски гиганта, Маркионе и натаму верува дека најдобро решение за автоиндустријата е спојување на компаниите.
Сепак, како што вели, во овој момент нема намера да продолжи со потрагата по нови деловни партнери од автомобилската индустрија.