Славниот германски автомобилски бренд „Опел“ од фабриката во Риселсхајм, во периодот од јануари до јуни годинава, на купувачите во Европа им испорачал 582.300 возила. Растот во продажбата во првото полугодие е постигнат благодарение на зголемената побарувачка за моделите „Мокка“, „Корса“ и „Адам“.
Само во јуни, на европскиот пазар се продадени 118.600 возила на „Опел“, што е раст од девет отсто во споредба со истиот месец од 2014 година. Пазарниот удел во Европа во јуни изнесуваше 6,35 отсто.
Резултатот на „Опел“ во првите шест месеци од 2015 година, исто така, е позитивен, и покрај напуштањето на рускиот пазар. Од јануари до јуни се продадени 582.300 автомобили, што е раст од три отсто.
Во првата половина на 2015 година, „Опел“ забележал раст во регистрациите на 20 европски пазари, вклучувајќи ги и најважните – Германија (+два отсто), Велика Британија (+ четири отсто), Франција (+седум отсто), Шпанија (+18 отсто) и Италија (+17 отсто).
Поткомпактниот СУВ, „Опел Мокка“, уште еднаш беше водечки во гамата на патнички автомобили, со зголемена продажба од над 20.000 единици, односно за 28 отсто.
Бројот на регистрирани „Корси“ е нараснат за околу 18.000 единици или за дванаесет отсто (благодарение пред се на лансирањето на новата генерација), во споредба со првото полугодие од 2014 година, додека растот во продажбата на моделот „Адам“ изнесува повеќе од 2.500 примероци или девет отсто.
Во компанијата истакнуваат дека за новиот мал градски автомобил !„Опел Карл“, веќе примиле 30.000 порачки.
„Опел“ во првите шест месеци беше успешен и со својата гама од лесни комерцијални возила.