Со изведба на сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, на ансамблот Ла фура делс Баус од Шпанија, под диригентската палка на Хозеп Висент, а во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија вчера на сцената на Античкот театар во Охрид свечено беше отворено 55. издание на најголемата музичко-сценска манифестација – фестивалот „Охридско лето“.
На сцената се појавија повеќе од 150 изведувачи, каде покрај музички беа вклучени и видео ефекти, вода, воздух, оквири.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој како покровител на манифестацијата го прогласи за отворено 55. издание на Фестивалот, посочи дека „Охридско лето“ не збогатува со музички, сценски и ликовни дела, кои преку изведбите на врвните уметници допираат до нас.
Во името на уметниците, режисерот Љубиша Георгиевски ја испрати пораката за 55. издание на фестивалот „Охридско лето“ во која се наврати во историјата на мултикултурализмот во Македонија.
Гордана Јосифова-Неделковска, селектор на музичкиот дел на фестивалската програма, најави дека и годинава ќе понудат нешто ново, поинакво, што се надева дека ќе ја импресионира фестивалската публика. Музичкиот дел од фестивалската програма нуди звучни имиња од потврдени уметници, меѓу кои руските пијанисти Андреј Коробеников и Николај Лугански, македонскиот сопран Весна Гиновска – Илкова, пијанистката Кристина Светиева, …
Селекторот на драмскиот дел Ѓорѓи Јолевски вети многу новитети, четири премиери на македонски продукции, а во секоја од нив инволвирани се странски режисери, продуценти и копродуценти. Драмската програма почнува утре со претставата „Неопланта“ во изведба на Театар – Нови Сад, а во наредните фестивалски денови публиката ќе може да ги гледа „Нашиот клас“ на театар „Камери“ и Национален театар „Хабима“ од Израел, „Со љубовта шегување нема“ на Интимен театар од Битола, „Многу врева за ништо“ на Народен театар – Сомбор, рускиот театар „Вера Комисаржевскаја ќе настапи со претстават „Опасни врски“ на македонскиот режисер Дејан Пројковски…