Откако во средата Советот за безбедност на ОН ја одби британската резолуција за Сребреница, американскиот државен секретар Џон Кери денеска порача дека на жртвите од Сребреница и сите воени жртви треба да се сеќаваме не само денеска, туку секојдневно.
Кери по повод 20 години од масакрот во Сребреница, изјави дека тоа е несовесно злосторство против човештвото и силен потсетник на потребата светот да се спротивстави на секоја форма на зло, како и да стане во одбрана на човековите права и достоинство.
– Тие што извршиле злосторство мора да бидат изнесени пред лицето на правдата. А ние мораме да се сетиме на жртвите од Сребреница и сите воени жртви, не само денеска, туку секојдневно, соопшти Кери, пренесува Гласот на Америка.
САД остануваат доверлив партнер на народот на Босна и Херцеговина и ја поддржуваат безбедноста на земјата преку примена на Дејтонскиот договор, обезбедување на економска и техничка помош, од конфликтот, преку обновата до развој на државата.
Според Кери цел на САД е да го поддржи напредокот кон стабилна и просперитетна БиХ во регионот каде граѓаните може да живеат во мир со своите соседи и ги почитуваат нивните права.