Државите до БРИКС сметаат дека е неопходно да се поддржуваат различни приоди во однос на решавање светски проблеми, се вели во заедничка декларација од средбата на врвот на петте држави – Русија, Бразил Кина, Индија и ЈАР која заврши денеска во Уфа.
– Ја потврдуваме длабоката приврзаност кон ОН како универзална светска заедница за поддршка на меѓународниот мир и безбедност, за заеднички акции за глобален развој, а исто така и за зацврстување на заштитата на правата на човекот, се додава во декларацијата.
Петте држави изразуваат спротиставување на „двојни стандарди“ во областа на меѓународното право и осудуваат еднострани воени акции и економски санкции.
Одлучни се да го зацврстат своето стратешко партнерство, солидарноста, еднаквоста и взаемното разбирање и соработка.
Тие сметаат дека ниту една држава не може да ја зацврстува безбедноста на сметка на безбедноста на други држави.
Остро ја осудуваат терористичката Исламска држава и тероризмот во сите форми и пројави. БРИКС сметаат дека нема алтернатива за мирно решавање на сирискиот конфликт и изразуваат длабока вознемиреност од кризата во Украина. Нагласуваат дека нема воено решение за неа и оти единствениот пат кон помирување минува низ политички дијалог.