Женската ракометна репрезентација на Македонија се пласираше на Европското првенство во декември во Холандија, откако вечерва во СРЦ „Кале“ со 27-24 (13-12) славеше победа над Турција, во последниот квалификациски натпревар од групата 4.
Ракометарките успеаја да забележат значајната победа во тежок и неизвесен натпревар.
„Црвено-жолтите“ по 5-ти пат ќе играат на едно Европско првенство.
„Ова е голема победа до која заслужено дојдовме. Иако со многу грешки, сепак девојките се бореа со сето срце на теренот и на одличен начин го заверија пласманот на Европското првенство во Холандија. Би сакал да им се заблагодарам на навивачите за големата поддршка која ни ја дадоа во текот на квалификациите, како и на овој натпревар“, изјави селекторот Гино Стрезовски.
Најефикасна беше Јулија Николиќ со 10 голови, а голманот Тања Андреева имаше 8 одбрани.
Претходно Франција со 38-26 славеше над Литванија и како првопласирана со 10 бода, обезбеди пласман на ЕП. Македонија патува за Холандија во декември како второпласирана со 8 бода.