Царината во текот на вчерашниот ден спречи два обиди за нелегално изнесување на пари од државата и запленија вкупно 31.700 евра.
Царинските инспектори од Одделението за истраги во координација со царинските службеници од царинската испостава Табановце открија три лица кои се обидоа да изнесат вкупно 32.700 евра од Македонија.
Инспекторите од Службата за борба против криумчарење при Одделението за истраги, по претходно спроведени оперативни дејствија дојдоа до сознание дека македонски државјанин, сопственик на продавница за обувки на Бит пазар, соработува со албански државјанин кој живее и работи во Будимпешта, а од кој македонскиот државјанин купувал обувки кои ги плаќал во готово, најчесто во евра.
По извршената оперативна обработка на податоците за горенаведените лица, царинските инспектори во координација со царинските службеници од царинската испостава Табановце на излез од Македонија селектираа автомобил Ауди А4 со скопски регистарски ознаки управувано од осомничениот македонски државјанин. Во возилото како сопатници биле уште две лица, едното од нив, осомничениот албански државјанин и уште еден македонски државјанин.
При извршен личен претрес во посебни простории на самиот граничен премин, пронајдени се вкупно 32.000 евра за кој лицата не поседуваа никаков документ. Согласно законот, задржани се 18.700 евра, а против лицата ќе биде отпочната соодветна законска постапка.
Во вториот случај, царинските службеници на граничниот премин Богородица спречија обид за нелегално изнесување на 13.000 евра.
Во вечерните часови, за излез од државата се пријави грчки државјанин, патник во такси возило со македонски регистарски ознаки. На прашањето на царинските службеници дали има нешто да пријави за царинска контрола, лицето одговорило негативно, но при изршениот личен претрес, во ташниче со документи пронајдени се вкупно 23.000 евра за кои не поседувал потврда за потекло.
Согласно Законот за девизно работење, 10.000 евра му се вратени, а остатокот привремено е задржан.
Против лицето, Царинската управа ќе поведе постапка за утврдување на одговорноста.