Кога во четвртата банка му објаснија дека не можат да му исплатат 120 евра тоа беше премногу за него. Тој во сиот очај, седна на бетонот пред банката и гласно заплака додека до него беа фрлени неговата лична карта и штедната книшка.
За сета драматичност на грчката криза сведочи токму фотографијата на 77 годишниот пензионер Јоргос Чацифотијадис која стана синоним за драмата која се случува деновиве.
– Не можам да ја гледам сопствената држава во ваква ситуација, плачејќи кажа Јоргос, кој е од Солун и заедно со неговата сопруга многу години работеле во германски рудник, а подоцна во леарница. Но пензијата која ја заработил во странство не можеше да ја подигне од ниедна банка, иако се обидел во три.
Кога во четвртата банка му објасниле дека не можат да му ги исплатат неговите 120 евра тоа беше премногу за него. Седна на бетонот пред банката и гласно заплака, а двајца полицајци го тешеа.
Измачениот пензионер кажа дека е психички скршен и дека не може да ја поднесе ситуацијата на длабока криза која ја погоди Грција.
– Ова повеќе ме погоди од моите лични проблеми. Го гледам мојот народ на улица како моли за неколку центи за да можат да купат леб. Гледам се повеќе самоубиства. Очаен човек сум јас, не можам ова повеќе да го гледам. Европа и Грција направија грешки, но ние мораме да најдеме решение, рече овој седумдесет и седум годишен пензионер.
Тој кажа дека нема да оди да гласа на референдумот, зашто неговото гласачко место е оддалечено 80 километри од куќата каде што сега живее.
– Немам пари да стигнам до таму, освен ако не ме однесат моите деца, кажа тој.
Грчките банки од понеделникот се затворени, а некои ги отворија вратите за пензионерите кои немаат платежни картички да можат да ја подигнат пензијата. Сумата што можат да ја подигнат е ограничена на 120 евра, но и покрај тоа многу пензионери не успеаа да ги добијат ниту тие пари.