Жешко во Скопје. Едни кријат и сондираат, другите веќе истрчуваат на терен. Од ВМРО-ДПМНЕ не протекуваат информации кои ќе бидат нивните адути за Скопје и скопските општини, со кои ќе сакаат да го задржат приматот со кој досега се гордееја „Цело Скопје, ВМРО-вски град“.
Овој пат, велат од опозицијата, ќе им ги замрсат сметките, барем за неколку општини. Центар, веќе извесно е кандидат на опозицијата е лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски. И покрај написите во некои медиуми, дека наводно имало негодување од СДСМ, А1 од партиски извори дознава дека Жерновски е прифатен како кадидат.
Анкетите и на опозицијата, но и на власта покажуваат дека овој пат власта го губи Центар. И на претходните парламентарни избори, СДСМ имаше 3 илјади гласови повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, а предноста е поголема доколку тука се пресметаат и гласовите на другите опозициски партии.
Од ВМРО-ДПМНЕ не се знае кој ќе се соочи со граѓаните од оваа општина. Дознаваме, актуелниот Тодоровиќ се откажал, но се откажал и екс директорот на Лотарија и на Зоолошката градина, Дане Кузмановски.
Прашање е сега зошто власта во игра влегува со тежок министерски арсенал. Како што дознаваме на Жерносвки треба да му се спротивстави министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Експертите и опозицијата прашуваат зошто кога анкетите се јасни и во корист на Жерновски како курбан ја жртвуваат министерката. Она за што првиот човек за култура ќе се пофали е дека власта го разубавела Скопје, но на неа и се припишуваат и нерасчистени сметки околу „Скопје 2014“.
Инаку дознаваме дека прв избор за Центар, била екс министерката Ганка Самоилова Цветановска, но таа ја одбила понудата.
Во Аеродром, власта повторно ќе трча со Ивица Коневски, а во СДСМ решението ќе биде познато на почетокот на наредната недела. Како можна варијанта се споменува Драги Давчевски, советник на Град Скопје, но во некои медиуми како варијанта беше спомнат лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, токму поради составот на населението во оваа општина, припадници на АРМ и поранешни припадници на ЈНА, како и многу од бранителите.
Сокол Митревски не доби зелено светло од централата за нов градоначалнички мандат и додека за оваа општина ВМРО-ДПМНЕ се уште размислува, во СДСМ, веќе на пресконференции го промовираат најверојатниот кандидат Александар Наумовски.
Ако Солол Митревски не доби зелено светло, Петар Латиновски од Бутел ја доби довербата за нов мандат. Кому довербата ќе ја даде опозицијата е сеуште неизвесно. Многумина се во игра.
Најверојатно ниту Марјан Ѓорчев нема да добие доверба за нови четири години иако тој пројавува таков интерес. Но кој би го добил ова место, ВМРО-ДПМНЕ дополнително ќе одлучува.
Од СДСМ изненадувањее. Иако во медиумите се шпекулираше дека НСДП ќе го добие ова место, изгледа дека СДСМ не се откажува од една од најголемите општини. Како кандидат се споменува Љупчо Васовски, директор на малопродажба во Тинекс.
Тони Трајковски има аспирации да остане градоначалник на Гази Баба, иако од ВМРО-ДПМНЕ се уште не го потврдуваат. На домашен и познат терен со него ќе се судри Борче Стефановски од ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски.
Трката за Карпош е поврзана со скопскиот татко. Иако не се потврдува Коце Трајановски е сигурен играч и за овие избори на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ сериозно размислува на Трајановски да му го спротивстави Стевче Јакимовски, иако тој неколку пати изјавува дека не го напушта Карпош.
На неколку внатре-партиски анкети како кандидат на СДСМ, се појавија и имињата на Андреј Петров и Гордан Георгиев.
Но неизвесноста ќе трае уште неколку дена. Доколку Јакимовски сепак оди за Скопје, а не за Карпош, тогаш во оваа скопска општина извесно е дека опозицијата ќе го кандидира Анте Поповски. Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ како можни кандидати се појавија Сашо Лазаревски и Златко Калеников, иако потоа беше пренесена информација дека Калеников се откажал.
Централните одбори на ЛДП и ВМРО-НП, дознаваме, во понеделник ќе заседаваат во исто време за да донесат дефинитивна одлука за коалицирање. СДСМ преку Централниот одбор, одлуката му ја довери на лидерот на Црвенковски.
На 28. октомвир на митинг во Скопје ќе бидат претставени кандидатите за Скопје и скопските општини, но претходно во текот на наредната недела на пресконференција ќе бидат промовираи опозициските играчи за Скопје.