Фестивалот на графичко-компјутерската уметност „Гифест“ доаѓа во Скопје. Утревечер, со почеток во 20 часот во арт кафулето „Концепт 37“ ќе има кратко предавање за гифови и специјален видео мапинг на сите гифови што учествуваа на годинашниот „Гифест“ што се одржа во Суботица.
Во Скопје доаѓаат основачот и организатор на фестивалот Мирјана Шормаз Митриќ од Суботица, како и првиот победник Адријан Каравдиќ од Виена. Во рамки на фестивалот тие ќе одржат работилница за гифови.
Работилницата ќе се одржи в недела, со почеток од 11 часот, во арт кафулето „Концепт 37“, а учеството е бесплатно. Целта е да се направи доближување и оживување на оваа графичко-компјутерска уметност, како и поттикнување на сите креативни луѓе, преку гифови да ги визуелизираат своите идеи.
Сите заинтересирани можат да се пријават на inbox на Концепт 37. www.facebook.com/c37.mk
„Гифест“ е фестивал на гифови, првично одржан во Суботица со цел да ги собере гиф-артистите од регионот и да ги промовира нивните авторски гифови.
Гиф е впечатлива, анимирана веб графика, прилагодена за брза размена, ефикасна во смисла на порака, а на авторите им овозможува комбинирање на техники и достапност на правење гифови. Критериумите за учество на фестивалот, кој оваа година се одржа трет пат, се автентичност и авторство, но пред се добрата идеја.