Сегашниот модел на западниот свет со неговите непобитни ограничувања на слободата, растечката манипулација на човековото размислување, прекумерната владина регулација, непродуктивната непотребна грижа за другите, политичката коректност и ирационалната доктрина на глобалното затоплување е повеќе манифестација на социјализмот отколку на либерализмот, што пред 25 години мислевме дека не е можно.
Ова е дел од говорот на поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус во Санкт Петербург на Меѓународниот економски форум.
– Во нашиот дел од светот се справивме со комунизмот, но наместо тоа, добивме европски социјализам. Тоа, за нас е разочарување, бидејќи сакавме нешто поразлично, вели Клаус во обраќањето објавено на неговата веб страница, јави дописникот на МИА од Прага.
Според Клаус, актуелниот европски економски систем е многу далеку од слободната пазарна економија, парламентарниот систем на ЕУ не е добар пример за повеќепартиска парламентарна демократија, а суверенитетот на нациите се изгубил во пан-европските институции.
Тој оцени дека е „голема грешка” Русија да се исклучи од Европа.
– Русија заслужува голема шанса да ја утврди својата нова историја, да најде свој пат и да игра активна улога на меѓународната сцена. Трагичната ситуација во Украина, сметам дека е домашен украински проблем, а не украинско-руски проблем или проблем меѓу Русија и Западот, рече поранешниот претседател.
Постојаниот критичар на ЕУ истакнува дека не смее да се заборави дека голем дел од проблемите на денешниот свет е споен со ситуацијата на Западот, со неговото постепено губење на идентитетот, со културните и цивилизациските падови и економската стагнација.
– Таму, ние треба да го бараме клучот за проблемите на денешниот свет, заклучи Клаус.