Британската компанија Ленд Ровер на 17 јуни 1970 година го претстави моделот „Рејнџ Ровер“, кој и денеска по 45 години го дефинира сегментот на луксузни теренски возила.
По четири генерации „Рејнџ Ровер“ може да се пофали со успешно завршена Транс-Американска експедиција од 28.000 километри, победа на релито Париз-Дакар, но и титулата пионир со воведување на технологии како анти-блокирачки сопирачки и електронска контрола на пролизгување на СУВ возилата.
Првата генерација, претставена во 1970 година, имаше две врати и В8 мотор. Во 1981 година е претставена изведба со четири врати, додека првиот дизел е претставен во 1986 година. Три години подоцна Рејнџ Ровер стана првиот СУВ што нуди анти-блокирачки сопирачки, додека во 1992 година е премиерно претставена и електронската контрола на пролизгување.
Втората генерација е претставена во 1994 година со 2,5 литарски дизел мотор и 3,9 и 4,6 литарски В8 бензински мотори. Третата генерација на пазарот излезе во 2001 година со нови 4,2 литарски В8 бензински и ТДВ8 дизел мотори.
Актуелната четврта генерација е претставена во 2012 година како првиот СУВ целосно изграден од алуминиум.