Заврши петтата ликовна колонија „Љубанци 2015“. Во селото Љубанци сместено во подножјето на Скопска Црна Гора, седум дена твореа дваесетина ликовни уметници од земјава и од странство, соопшти општина Бутел.
Од домашните ликовни уметници учествуваа Данчо Ордев, Часлав Марковиќ, Илија Богоевски, Мирослав Славковиќ, Драган Најденовски, Владимир Лазоски, Билјана Цветкоска, Џејљан Реџепи, Орце Гогов и други.
Исто така, на ликовната колонија „Љубанци 2015“ учествуваа и автори од Србија: Владан Ранѓеловиќ и Снежана Манасиќ и од Словенија: Боштиан Плетничар и Искра Беличанска.
За една недела, колку што работеше колонијата, создадени се триесетина уметнички слики, главно со мотиви од старата љубанска архитектура, традицијата, обичаите и убавините на Скопска Црна Гора, како и неколку апстрактни креации во маслени бои на платно. Исто така, неколку уметници изработија и четири скулптури во дрво.
На 17 јуни се одржа и детскиот ликовен ден, кога дваесетина најталентирани ученици од основните училишта во општина Бутел ги изработија своите ликовни творби и се дружеа со познатите творци и ликовни педагози, како и со градоначалникот Петре Латиновски. Селектирани се четири најубави детски цртежи, а наградите на учениците ќе им бидат доделени на ликовната изложба што ќе се одржи на есен.
Организатор на колонијата е општина Бутел во соработка со Здружението на ликовни педагози на Град Скопје. Средствата се обезбедени од буџетот на општината.