Добро познатиот Мерцедес модел ГЛК доби наследник со меки модерни линии, кој по новата номенклатура го носи името ГЛЦ.
Модерната природа на ГЛЦ се должи на модуларната платформа со погон на задната оска, што исто така, може да се најде на новата Ц-Класа, а во следните десет години ќе биде основа за поголемиот број модели на Мерцедес.
Новиот ГЛЦ во продажба ќе се најде во ноември. Моделот ќе биде достапен како ГЛЦ300 со погон на задната оска и ГЛЦ300 4Матик со погон на сите тркала. Изведбите со дизел, плаг-ин хибрид, како и ГЛЦ63 4Матик се очекуваат нешто подоцна.
Каросеријата на ГЛЦ е значително поголема од ГЛК, а внатрешноста е опремена со нова технологија, а сепак возилото е полесно за 50 килограми од својот претходник благодарение на МРА платформата.
Внатрешноста е уредена по примерот на Ц-Класа. Централен фокус е на контролната табла и централната конзула со благи линии. Тачпад контролорот е ергономски сместен на потпирачот за рака, а инфотејнмент системот располага со 7,0 инчен дисплеј.
На почеток во продажба ќе се најдат две изведби со ист 2,0 литарски четирицилиндерски мотор со 241 коњска сила и деветстепен автоматски менувач.
Официјалната светска премиера на Мерцедес ГЛЦ е закажана за Саемот во Франкфурт во септември годинава.