Триесет и шестото „Скопско лето“ задутревечер во Македонската опера и балет ќе биде свечено отворено со премиера на балетската претстава „Заспани убавици“ во кореографија на Саша Евтимова. Во исто време, од 21 часот, во Мала станица ќе биде отворена изложба „Просторна екстензија на уметноста“ по повод 25 години Галичка ликовна колонија.
Организаторот на „Скопско лето“ – Дирекцијата за култура и уметност Скопје – денеска ја најави програмата која до 31 јули ќе понуди голем број настани од сите културни дејности – концерти, изложби, театарски претстави, филмови..
Мирко Стефановски од ДКУС на прес-конференција истакна дека „Скопско лето“ е маратон од 40-ина дена. – Тоа се преку 60 програми, над 25 музички настани, десетина театарски претстави и четири премиери, 12 изложби, 15-ина филмски настани, мултидисциплинарна и разнородна програма која се одржува на 26 отворени сцени во градот, рече Стефановски.
Концертите ќе бидат жанровски разновидни – класика, опери, џез и фолклор. Поканети се голем број македонски музичари кои живеат и работат во странство, како и музичари од 20-ина држави од светот. Меѓу концертните настани е и Младинскиот музички маратон.
Во областа на сценската дејност, покрај репризи на изведени претстави ќе има и четири премиери – балетот на отворање „Заспани убавици“, „Кафе без цигари“ на Теа Беговска, „Еригон“ во режија на Јани Бојаџи, „Столови“ во режија на Читкушев.
И во ликовната уметност ќе има голем број случувања, меѓу кои изложбата за четврт век постоење на Галичката ликовна колонија, „Скопски урбани приказни“ на ДЛУМ, проектот на осум ликовни уметници „Фемина 8“…
Во филмската програма, покрај Кафе-кино, ќе има и ревија на најдобри филмови од „Анимакс“ и фестивал на музички документарци „Скопје синема сити“. Проекциите на Кафе-кино ќе бидат во Сули ан. Програмата почнува на 6 јули со наградуваниот „Ида“ на Павел Павликовски и годинава е поддржана од Агенцијата за филм на РМ.
Балетската премиера за отворањето на „Скопско лето“ е работена според романот „Куќата на заспаните убавици“ на Јасунари Кавабата, на музика на Вагнер, Григ, Бах, Малер, Милан Димушевски.
Кореографката Евтимова на прес-конференцијата рече дека балетот е ново гледање и нов пристап на приказната за заспаната убавица. Приказната во прв план ги поставува односите меѓу младоста и староста, сексот, смртта, животот и сеќавањето.
– Решив да биде комплетно различно видување од она што може да се види во останатите светски куќи. Сепак, го задржав терминот „заспани убавици“ затоа што е звучно име и се користи на сите светски сцени, рече Евтимова.