Започна реализација на проектот „Евиденција и прибирање на стари црковни книги и ракописи“, информираа денеска од Музеј галеријата од Кавадарци.
Овој проект се работи веќе четврта година, а оваа година се опфатени црквите во кавадаречките села: Фариш, Страгово, Бунарче, Мрежичко, Драгожел, Мрзен, Ораовец, Ќесендре и Галиште. Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.
Инаку, Министерството за култура одобри и финансиски поддржува 10 проекти на Музеј галеријата од Кавадарци во текот на оваа година, соопшти директорот Петре Камчевски.
– Од програмата за национален интерс во културата годинава како никогаш досега одобрени беа 10 проекти од сите области на музејската дејност. Две изложби од музејска дејност, три од ликовна дејност, два истражувачки и два едукативни проекти како и еден проект за конзервација, нагласи Камчевски.
Меѓу проектите влегоа една изложба со учеснички жени кои се занимаваат со ликовна уметност во Кавадарци и друга посветена на руралната архитектура во селата по висорамнината Витачево, кои веќе беа поставени, трета посветена на скулптурата во Кавадарци, од кавадаречки автори и четврта за историјата на занаетчиството во Кавадарци низ историјата. Тука е и ретроспективата на творештвото на Блаже Бањански, еден од најдобрите уметнички фотографи во Кавадарци и Република Македонија. Едниот од двата едукативни проекта кои се реализираа содржеше цртање на етнолошки предмети од страна на ученици од основните училишта, а другиот, изработка на археолошки предмети од пластелин од страна на најмладите од предшколска возраст во градинките.
– Имаме и проект за конзервација на метал накит и монети од збирката на монети во музејот. Теренските истражувања пак опфаќаат евиденција и прибирање на стари црковни книги и ракописи од црквите и манастирите во општината, како и евиденција на движниот црковен материјал по црквите и манастирите како пехари, икони и слично, додаде Камчевски.