Раскрвавени глави и модрици по телото, од тепачката која во 13:30 денеска се случи кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.
Повредени се две лица од Подгорица, Црна Гора, дваесет и деветгодишниот М.М. и седумнаесетгодишниот С.Ѓ. информираат од полицијата.
Повредените се задржани на лекување во Градската општа болница, но се надвор од животна опасност, првичните информации од таму се дека повредите ги добиле при физичка пресметка, во која не било користено оружје.
И двајцата повредени тврделе дека во Скопје се дојдени приватно, а не за вечерашниот фудбалски натпревар на српската и македонската репрезентација.
Додека случајните поминувачи тврдат дека двајцата повредени биле дел од поголема група која влегла во Чаршијата и почнала да извикува навредливи зборови против Албанците. Неофицијално, членови на група навивачи на еден албански фудбалски клуб ги нападнале Црногорците.
Двајцате повредени „платиле“ за сите, а останатите побегнале. Полицијата ги бара напаѓачите и работи на расчистување на случајот. Инаку, МВР денеска има засилени безбедносни мерки по улиците на Скопје, во пресрет на вечарашниот натпревар помеѓу Македонија и Србија. Според информациите на МВР, досега во Скопје се пристиганти околу 50 гости кој влегле во земјава со воз и околу 13 со автомобили.
Фото: Алсат