Центарци сакаат да возат велосипед, сакаат почиста животна средина и помалку гужва на сообраќајниците.
Досега, за еден месец од почетокот на акцијата “Цел Центар на точак“, субвенционирано е купување на 550 нови велосипеди, од кои 200 пријавени ги добија средствата, 30% од купен велосипед, но не повеќе од 3000 денари.
Корпа за велосипед, звонче, светло, сајла за заклучување и маици, ова беа подароците од општина Центар за првите дваесет кои поднесоа барање за субвенционирање.
Жителите на Центар ја поддржуваат акцијата која ја спроведува општината, втора година по ред. Сметаат дека примерот на Центар треба да го следат и другите општини во државата. Велат, нашите деца треба да дишат почист воздух.
За оваа цел, општина Центар во годинешниот буџет издвои средства за набавка на 1111 велосипеди.
Градоначалникот на општина Центар се заблагодари што и покрај дождот, синоќа дојдоа и ја потврдија неопходноста од ваква акција.
“За само еден месец сме на половина од акцијата Цел Центар на точак. Бројката од петстотини и педесет купени нови велосипеди ја покажува успешноста на акцијата. Од досега пријавените, поголемиот број се дами, но радува и тоа што се купуваат велосипеди за најмладите“, рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
Цел е, посочи тој, да го добиеме 2000-тиот нов велосипед во Центар, а тоа е реалност, бидејќи минатата година се субвенционирани 870 нови велосипеди, а годинава има средства за 1111.