Филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски вчера беше прикажан на Универзитетот „Josai International University“ во Токио.
Филмот беше прикажан во рамки на филмскиот фестивал „Cinema Post-Yugo“, кој секоја година прикажува филмови од државите од поранешната Југославија. Организатор е Асоцијацијата за проучување на кинематографијата на државите од балканскиот регион, особено земјите од постјугословенската група, составена од видни професори од повеќе универзитети во Јапонија.
Проекцијата ја отвори првиот резидентен амбасадор на Република Македонија во Јапонија Андријана Цветковиќ. Цветковиќ, која и самата е член на Асоцијацијата за проучување на балканската кинематографија во Јапонија, изрази голема благодарност до организаторите во нивната поддршка во промоцијата на македонската кинематографија.
Амбасадорот Цветковиќ со публиката разговараше во врска со делото на режисерот Манчевски, кој и е добро познат на јапонската публика. Режисерот преку снимен запис и се обрати на публиката, давајќи подлабоко толкување на темите присутни во филмот.
– Македонскиот филм е релативно непознат за јапонската публика. Но, филмовите кои секоја година имаме можност да ги погледнеме покажуваат дека македонската кинематографија изобилува со филмови кои се со врвен квалитет и покажуваат естетска и концептуална зрелост, истакна професор Кјоко Хирано, професор на Меиџи Гакуин Универзитетот и еден од главните организатори.