Согласно со распоредите објавени на prasanjaeksterno.dic.edu.mk, денеска во 9.30 часот почна екстерната проверка на постигањата на знаењата на вкупно 43.909 ученици од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование, соопштија Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар.
МОН наведува дека според досегашните информации процесот е целосно заокружен во 228 основни и средни училишта.
– Процесот на екстерна проверка на постигањата на знаењата на вкупно 183.280 ученици и проверка на објективноста на оценувањето на 17.803 наставници по 7.560 предмети, започна на 2 јуни и ќе трае заклучно со 10 јуни. Резултатите ќе бидат објавувани етапно, при што предност ќе имаат учениците од деветто одделение поради претстојните уписи во задолжителното средно образование, соопшти МОН.