„Ауди“ наскоро тргнува во обнова на семејството на моделите „А4“ и „А5“. Прво ќе биде претставена лимузината „А4“ што деновиве првпат беше фотографирана без камуфлажа.
Германскиот производител остана доследен на својот препознатлив дизајн, а стилските разлики меѓу актуелниот и идниот „А4“ се во деталите.
Новите фотографии ги откриваат елементите на фаровите и стоп светлата што на претходниите „шпионски“ снимки беа сокриени со маскирна фолија.
Фаровите се засечени така што сега имаат форма на бумеранг, а покажувачите на правец се изведени во ЛЕД технологија и се позиционирани на врвот на предните светлосни групи, додека стоп светлата се потенки во споредба со претходниот модел.
Маската на ладилникот се уште е делумно сокриена, но јасно се наѕира нејзиниот карактеристичен шестоаголен облик. Хромираната рамка што се наоѓа под црната фолија сега е поширока од претходно, како што е тоа случајот и кај најновата генерација на моделите на „Ауди“
„Ауди“ за сега не ги открива техничките детали, но се очекува новиот „А4“ да биде поставен на МЛБ платформа од втората генерација и да биде полесен од претходникот.
За понудата на мотори се уште има само нагаѓања, но „ Ауди“ има голем избор од 1.4, 1.8 и 2.0-литарски ТФСИ бензинци, додека за „С4“ е резервиран 3.0-литарски В6.
Што се однесува до дизелашите, на располагање се пред се ТДИ мотори од 2.0 литри.
Погонските единици ќе бидат поврзани со шестбрзински мануелен или опциски деветстепен автоматски менувач.
Премиерата на новиот „А4“ треба да се одржи на саемот на автомобили во Франкфурт, во септември 2015 година.